Со судењето на Трамп ќе се брани демократијата во САД

EPA
Фото: EPA-EFE/Doug Mills / POOL

Дури десетмина републикански конгресмени им се придружија на сите 222 демократски колеги во Претставничкиот дом при гласањето на импичментот, со кој Трамп е обвинет за поттикнување насилен бунт

Доналд Трамп е првиот претседател на САД на кој вторпат му е изгласан импичмент и на кој Сенатот повторно ќе му суди, овој пат за обвинение за поттикнување на бунт, односно за неговата улога во нападот врз Капитолот пред една недела.

За импичмент на Трамп прексиноќа гласаа 232 конгресмени, а 197 беа против. Дури десетмина републикански конгресмени им се придружија на сите 222 демократски колеги во Претставничкиот дом при гласањето на импичментот. Ова е најголем број народни избраници што ги преминале партиските линии и прифатиле да му се суди на претседателот од нивната партија. За споредба, при првиот импичмент на Трамп пред две години сите републикански конгресмени гласаа против.

Ова, сепак, не значи дека Трамп ќе биде отповикан пред да му заврши мандатот, точно на пладне на 20 јануари, кога со давањето свечена заклетва претседателската функција ќе ја преземе демократот Џо Бајден. Но, судењето на Трамп ќе продолжи во Сенатот и, иако тој повеќе нема да може да биде отповикан, процесот може да има многу важни последици и за политичката иднина на претседателот во заминување и за насоката во која ќе продолжи републиканската партија и за откривање на низа детали за упадот врз Капитолот и, секако, за зачувување на демократските вредности на Америка.

Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Мекконел, веќе изјави дека процесот на судење на Трамп нема да може да почне додека тој е претседател. И покрај тоа, конгресмените гласаа за импичмент.

– Знаеме дека претседателот на САД го поттикна овој напад, овој оружен бунт против нашата заедничка земја. Тој мора да си замине. Тој е јасна и реална опасност за нацијата што сите ја сакаме, изјави спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Досега ниту еден претседател на САД не бил отповикан од функцијата преку импичмент. Од Претставничкиот дом досега биле обвинети Ендрју Џексон во 1868 година, Бил Клинтон во 1998 година и Трамп пред две години, но при сите три случаи тие не беа прогласени за виновни со потребното двотретинско мнозинство гласови од сенаторите. За да биде прогласен Трамп за виновен овој пат, потребно е сите 50 сенатори од Демократската партија и барем уште 17 сенатори од републиканската да гласаат дека е одговорен за обвинението.

Поради тоа што првпат во историјата ќе му се суди на претседател што му завршил мандатот, не е сосема јасно какви ќе бидат последиците за Трамп. Надвладуваат толкувањата на законите дека дури и да биде осуден, Трамп би можел да ги задржи привилегиите за поранешните претседатели, регулирани со закон од 1958 година – пензија, здравствено осигурување и заштита од Тајната служба. Но, Сенатот, овој пат со просто мнозинство гласови, би можел да му забрани на Трамп да извршува „каква било функција од чест, доверба или добивка од владата на САД“, што би значело дека тој не би можел повторно да се кандидира за претседател на следните избори во 2024 година.

Ако се спроведе вакво гласање, со големо внимание ќе се следат гласовите на републиканските сенатори – дали мнозинството цврсто стои зад политиката на Трамп или е решено да ги обнови традиционалните вредности на партијата.

Редовната седница на Сенатот е закажана за 19 јануари, ден пред инаугурацијата на новиот претседател Бајден. Тогаш би требало да биде определена рамката за процесот против Трамп.

Трамп категорично го осуди насилството, го премолчи импичментот

Веднаш откако му беше изгласан импичмент во Претставничкиот дом, американскиот претседател Доналд Трамп повторно го осуди минатонеделното насилство во Капитол и рече дека сите што учествувале во немирите ќе бидат соочени со правдата.

Откако Твитер и другите социјални мрежи му ги блокираа корисничките профили, Трамп се обрати преку профилот на Белата куќа на Твитер.

– Сакам да бидам јасен. Недвосмислено го осудувам насилството што го видовме минатата недела. Ниту еден мој вистински поддржувач не може никогаш да поддржи политичко насилство. Ниту еден мој вистински поддржувач не може да не го почитува спроведувањето на законот или нашето големо американско знаме. Ако направите нешто од овие работи, не го поддржувате нашето движење, го напаѓате и ја напаѓате нашата земја. Не можеме да го толерираме тоа. Насилството треба да престан, порача Трамп во петминутното обраќање.

Обидувајќи се да направи паралела помеѓу насилниот упад во Капитолот и масовните нереди низ САД против расизмот, Трамп оцени дека во изминатата година имало премногу насилство, немири и кршење на законот.

– Без разлика дали сте десно или лево, демократ или републиканец, нема оправдување за насилството. Нема изговори. Нема исклучоци. Америка е правна држава. Оние што учествуваа во нападите од минатата недела ќе бидат изведени пред правдата, истакна Трамп.

Претседателот додаде дека бил информиран од тајните служби дека се можни нови нереди во следните денови и дека им наредил на федералните служби да ги ангажираат сите ресурси за да воспостават ред.

На крајот од своето обраќање, Трамп повика на единство на нацијата.

– Треба да се фокусираме на напредокот на целата нација, на испораката на чудесните вакцини, на победата над пандемијата, на реконструкцијата на економијата, на заштитата на националната безбедност и владеењето на правото, изјави Трамп.

Баузер повика на виртуелно присуство на инаугурацијата на Бајден

Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, ги повика Американците да се воздржат од јавни собирања и да не доаѓаат на инаугурацијата на избраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари. Управата на градот сака да спречи повторување на насилството по немирите на 6 јануари.

– Ги замолуваме Американците да не доаѓаат во Вашингтон, туку на инаугурацијата да учествуваат виртуелно, изјави Баузер.

Во Вашингтон се засилуваат мерките за безбедност со блокирање на пристапите до улиците околу Капитолот. Паркинзите и гаражите во близина на законодавниот дом на САД од петок ќе бидат затворени и блокирани. Многу хотели во градот решија идната недела да не примаат гости, а излозите во центарот се заштитуваат со табли за да не бидат искршени при евентуални нереди.

Во Вашингтон почнаа да се распоредуваат илјадници војници од Националната гарда вооружени со полуавтоматско оружје. Досега се дојдени 2.000, но до денот на инаугурацијата предвидено е да се распоредат до 20.000 војници, или речиси четирипати повеќе од вкупниот број на американски трупи во Авганистан и Ирак.

Свечената програма ќе ја води Том Хенкс

Актерот Том Хенкс ќе биде домаќин на свечената програма на денот на инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден.

Во специјалната 90-минутна програма „Ја славиме Америка“ ќе учествуваат и низа музички ѕвезди, како Џон Бон Џови, Деми Ловато, Џастин Тимберлејк и Ент Клемонс.

Церемонијата ќе кулминира со давањето свечена заклетва на претседателот Џо Бајден и на потпретседателката Камала Харис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот