Со стотина евра плус нема да се намали увозот на стари возила

фото: Слободен печат

Во очекување на новиот закон за данок на возила, премиерот Зоран Заев најави дека ќе се зголеми данокот за увоз на стари возила од 18 на 20 проценти. Според упатените, ова сепак не е мерка која ќе ги одврати луѓето од купување на постари возила затоа што износот за дополнителнит данок е мал.

Според пресметките на шпедитерите, разликата во износот што треба да се плати за постаро возило, според новата регулатива која чека на одобрување, е до 100 евра.

– Сметам дека е илузорна најавата за промена на данокот од 18 на 20 проценти со цел да се намали увозот, затоа што разликата е многу мала, некои плус 50-100 евра, во зависност од каталошката цена на возилото, а тоа нема да го стопира увозот – вели за „Слободен печат“ вработен во една шпедитерска куќа.

Увозниците на стари возила објаснуваат дека се уште во државава може да се донесат возила со „евро 4“ стандард, кој во европските земји се почесто се забранува.

– Луѓето немаат пари и најчесто гледаат да купат некое возило од околу 3.000 евра. Тоа пак се постари возила со полош еколошки стандард. Но, дури и за тие износи луѓето се задолжуваат во банка и се ценкаат со нас – објаснуваат продавачите на стари возила.

Со новата регулатива пак, како што е објаснето во Извештајот за проценката на Предлог-законот за данок на моторни возила „предложените решенија треба да овозможат оданочување на моторните возила така што, покрај вредноста на моторните возила, данокот ќе се пресметува и врз основа на износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2 изразена во грамови по километар“.

При изготвувањето на предложениот Закон за данок на моторни возила се имаа во предвид најдобрите практики од земјите членки на Европската Унија, земјите од регионот како и препораките на странските експерти од областа на оданочувањето на моторните возила, информираше Министерството за финансии во предложената законска регулатива.

– Законот за данок на моторни возила е во собраниска процедура. Целта на овој закон не е зголемување на давачките и наплатата на буџетски приходи, туку – целта е рекомпонирање на оданочувањето во насока „еколошките“ возила со пониска емисија на CO2 да плаќаат понизок данок при увоз од „нееколошките“ и со тоа населението да биде стимулирано за набавка на поеколошки возила. Со законот е предвидено: 100% ослободување од увозна давачка за електричните возила,50% за хибридите, 25% за таксистите и оние кои превезуваат како основна дејност. Со уредба се донесува методологијата за пресметка по носењето на законот,каде ќе бидат земени предвид вредноста на возилото при увоз и емисијата на CO2 – велат од Финансии.

Премиерот Заев најави дека енергетските, хибридните и оние возила со „евро 6“ ќе се оданочат со најнискa можна стапка со цел да се стимулира купувањето на ваквите возила, но не прецизираше колку точно ќе биде намалувањето. Новото законско решение требаше да почне да се спроведува од ноември, но се уште не стигна на ред на гласање во Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот