Со Станка Новеска зборуваме за магијата и гастрономијата на Крушево (ФОТО)

Facebook

Фестивалот за храна и култура „Taste Крушево“ кој се случуваше минатиот викенд, се разбира, во Крушево, привлече голем број туристи, љубители на гастрономијата и обожувачи на ова волшебно гратче вгнездено во пазувите на Бушева планина.

-Пристигнаа голем број на посетители, не само од нашата држава, туку и од странство. Имавме учесници од седум државни училишта и едно училиште од Лесковац, Србија, па така, за нашиот Фестивал може да се каже дека веќе е балкански настан, со тенденција да прерасне во европски, – ни објаснува Станка Новеска, професор по угостителско послужување и готварство во СОУ „Наум Наумовски Борче“ – Крушево.

Присутните на Фестивалот имаа прилика да дегустираат храна, да се забавуваат и да бидат дел од турата околу културните знаменитости. На настанот учествуваа околу 50-на готвачи од средните училишта во земјата и странство, со тенденција тој број да расте од догодина.
Локалните угостители пак, дале сериозна поддршка на Фестивалот и со тоа ја подобриле понудата.

– Сите посетители имаа можност да ги дегустира крушевските специјалитети, специјалитетите од поднебјето од кое дојдоа учесниците и, се разбира, надалеку познатата лесковачка скара. Се подготвуваа бројни, уникатни специјалитети, што ги има исклучително во угостителските објекти во Крушево, додава Новеска.

Без разлика на тоа што настанот помина, никогаш не е доцна да се посети Крушево. Особено е волшебно во зимските денови.

Ја прашуваме госпоѓа Новеска кој гастрономски специјалитет не смее да се пропушти кога сме во посета на Крушево?

Крушевски чомлек

-Кога сте во посета на Крушево, не смеете да заминете додека не ги пробате крушевските пити, чомлек, крушевското грне и познатите целувки и локум. Овие јадења се наше богатство и истите се подготвувани од врвни мајстори во Крушево, ни одговори таа.

 

Што е пак, со пијалаците, кои се најкарактеристични за Крушево?

-Карактеристични за Крушево се ликерите од шумско овошје и коктелите од рум со разни овошки. Како репрезент на пијалоците ги имаме членките на здружението Крушевска жена кое се занимава со подготовка на храна и уникатни крушевски пијалоци и учество во проекти поврзани со туризмот. Но, и нашите ученици подготвуваат одлични пијалоци, ни објаснува Новеска.

За читателите на „Слободен печат“, ја замоливме Новеска да ни открие како се подготвува прочуениот крушевси чомлек.

-Рецептот за познатиот крушевски чомлек останува тајна, а на љубопитните читатели им препорачуваме да дојдат во Крушево и сами да истражуваат за истиот, заклучи таа.

И ќе дојдеме!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот