Со салата „Партизан” ќе стопанисува Општина Карпош

Спортската сала „Партизан” се враќа во владение на Општина Карпош. Во прашање се денови на доделување и завршување на сите формално-правни процедури. Ова е победа на урбаното, модерното, на традицијата, на спортот, победа за „Партизан” како препознатлив бренд на Карпош и на нашиот Град Скопје. Ова денеска го соопшти градоначалникот на Карпош Стефан Богоев на одбележувањето на 43 години од основањето на оваа Општина.

Тој потсети дека спортската сала „Партизан” е објект стар 50 години, претставува симбол на светската солидарност, донација на францускиот народ. Денеска, како што рече, за жал е обележје на нашата општествена неодговорност.  Изрази надеж дека по завршувањето на неговиот мандат, „Партизан” и паркот долж реката Вардар ќе бидат главните обележја на општината.

– Карпош е општина која не беше погодена од катастрофата „Скопје 2014″. Ние ја задржавме нашата автентичност и дух. Со преименувањето на „Мексичка” како да сакаа да не доближат кон актуелното и вештачкото. За среќа, наскоро Тафталиџе повторно ќе си ја добие улица „Мексичка”, рече Богоев.

Богоев нагласи дека Карпош е расадник на квалитетни ученици и смета оти треба уште повеќе да се инвестира во предучилишното и основното образование. Порача Општина Карпош да продолжи да оди напред, да биде лидер по капитални проекти и инвестиции, заедница за сите.

Со одлука на Советот на Општина Карпош, Бранко Огњановски познат како Миле Паника е добитник на плакета за заслужен граѓанин за минатата година. Наградата му се доделува бидејќи е креатор на  „К 15″ и на „Фчерашни новости” кои, како што рече Богоев, се хумористични емисии кои имаат за цел да бидат коректив на политичките партии, власта и да го подобрат општеството.

На чествувањето на 43-от роденден на Општина Карпош под слоганот „Со љубов за Карпош”, присуствуваа вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, поранешни и сегашни градоначалници, советници, претставници од основните училишта и градинки…Настапија талентирани ученици, а претседателот на Советот на Општина Карпош, Андреј Манолев им додели стипендии на талентирани ученици од сите основни училишта од Општианата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот