Со „Рекет“ нема да изнудиме датум

На помалку од два месеца до октомври, кога всушност треба да биде соопштена одлуката дали Македонија конечно ќе добие датум за преговори со ЕУ, домашните и странските експерти се загрижени од развојот на настаните и претпоставуваат дека земјава уште еднаш ќе доживее студен туш и ќе остане и натаму да си чека подобри времиња покрај патот што води кон Европа.

Главна причина за таквиот песимизам е токму аферата „Рекет“ и наводната инволвираност на високи функционери од власта во изнудувањето пари од обвинети во замена за нивно ослободување, но и поради законот за Јавно обвинителство кој сè уште не наишол на консензус помеѓу власта и опозицијата.

Според аналитичарите, овие две работи значително ќе влијаат врз одлуката на земјите членки на ЕУ да дадат зелено светло за Македонија, а неодамна и американскиот заменик-помошник државен секретар Метју Палмер рече дека ако не се заврши истрагата за „Рекет“, тогаш може да бидат поткопани изгледите на земјава за почеток на преговорите со ЕУ.

Од друга страна, претседателот Стево Пендаровски на вчерашната прес-конференција истакна дека расположението кај земјите членки на ЕУ засега не е променето и дека тие во октомври ќе го дадат својот глас за да добиеме датум за преговори со Унијата.

– И помали афери од оваа може да бидат повод некои земји членки да кажат дека не ни требаат овие од Западен Балкан, затоа не треба да им даваме оправдувања. Не смееме да оставиме ни најмал сомнеж дека не сме способни да расчистиме ваков случај – порача Пендаровски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски не се согласува со оценката на шефот на државата и смета дека токму аферата „Рекет“ е една од причините поради која ние нема да добиеме датум за преговори со ЕУ во октомври годинава.

– Сметам дека целата оваа работа е искоординирана од странски тајни служби и дека ова не е наше масло, односно не е масло на домашните политички партии. Овде станува збор за координација со други фактори, кои имаат за цел дестабилизација на целиот процес, а меѓу другото и создавање некакво алиби за недобивање датум. Јас и претходно бев скептик дека ќе добиеме датум во текот на годинава, а ова дополнително ме увери дека не сме спремни за било каков напредок. Едноставно, институциите не ни функционираат, а така во Европа не се влегува – објаснува Пекевски.

Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, пак, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека ЕУ не може до бескрај да си доделува нови критеруми за давање датум за преговори. Тој потсетува дека веќе постои јунската одлука на Советот за општи работи на ЕУ во која се наведува оти земјава ги исполнила условите.

– Специјалното јавно обвинителство е исклучително важно, а особено е важен случајот „Рекет“ и неговото разрешување. Сите овие процеси не би требало, а и не биле претходно услов, туку мислам дека се некаков вид добронамерен политички притисок за забрзување на реформската динамика. Меѓутоа, не мислам дека се и исклучувачки услов за добивање или недобивање датум – вели Трошановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот