Со разговор со писателката Фросина Пармаковска почна третиот циклус на кампањата „Читаме современи македонски автори“

Книжевниот критичар Александра Јуруковска и авторката Фросина Пармаковска

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, по успешните две сезони, на 4 септември го почна третиот циклус од големата кампања „Читаме современи македонски автори“. До мај следната година ќе бидат претставени осум македонски автори и исто толку дела.

Кампањата ја задржува препознатливата структура: секој месец започнува со Книга на месецот, првата седмица е Разговорот со авторот, а последната Клубот на читатели.

– Претходните два циклуса од кампањата ни се поттик и мотивација дека треба да продолжиме со истото темпо. Нашите библиотекари бележат зголемен интерес за македонските автори во сите наши објекти. Читателите ги бараат предложените книги, но и наслови што не се дел од кампањата. На разговорите имаме многубројна публика, па и луѓе што претходно не доаѓале во библиотека. Добиваме голема поддршка од сите издавачи, од медиумите, од културната јавност. Добиваме одлични реакции од авторите дека се онаму каде што треба да бидат – на полиците и меѓу македонските читатели – посочува Снежана Стојчевска, директор на ГБСК.

Третиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ почна со романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска, како книга за месец септември.

– Ова е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење. Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој се доминантни психологизацијата на главниот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна – посочува издавачот „Или-или“.

Романот беше претставен низ разговор помеѓу книжевниот критичар Александра Јуруковска и авторката Фросина Пармаковска, а фрагменти од романот читаше актерот Андреј Серафимовски.

– Најпрвин се раѓа ликот и ги обмислувам неговите атрибути, приказните што тој ги носи, потоа се раѓаат другите нешта. Пишувањето роман е макотрпен процес, бара посветеност, време, изолација. Некаде пред крајот знам целосно да се повлечам, па и во манастир. Тогаш повеќе живеам во реалноста од романот, отколку во вистинската – се дел од искрените и инспиративни одговори на Фросина Пармаковска.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје, 1985 г. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, а магистрирала на Институтот за македонска литература. Досега ги објави романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ (2013, „Култура“), „Вишнова хроника“ (2014, „Или-или“), „Одбројување“ („Или-или“), за кој ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година, „На враќање“ (2020, „Или-или“). „Сè уште можам нешто да сторам“ е роман објавен во 2023 година и е добитник на „Рациново признание“. Член е на ДПМ од февруари 2018 година.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година како силна поддршка за современата македонска книжевност, за квалитетните дела, за издавачите и за македонскиот јазик. Досега беа претставени 16 автори и исто толку книги со жанровска разноликост: романи, раскази, репортажи, поезија.

Кампањата е потсетување дека токму домашните читатели се тие што треба да ги читаат домашните автори. „Читаме современи македонски автори“ има препознатлив визуелен идентитет, интегриран пристап на социјалните медиуми, а од страна на Македонската асоцијација на издавачи беше наградена со признанието Промотор на читачката култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 246, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 07-09.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот