Со работилниците на „Џифони Македонија“ ги будиме креативноста и истражувачкиот дух на децата

Публика во Кинотека на РСМ / 9 издание на Џифони Македонија

Средношколците учесници на Филмскиот фестивал за млади вчера ја имаа можноста меѓу првите во регионот да го проследат новиот бугарски игран филм „Петја за Петја“ во режија на Александар Косев. Филмот со кој беше отворен Филмскиот фестивал во Софија во март годинава, во Скопје го промовираше неговиот продуцент Николај Урумов. Тој одговараше на прашањата на џифонци, кои беа одушевени од филмот инспириран од прерано починатата бугарска поетеса Петја Дубарова, која како револт кон системот се самоубила на 17 години.

Николај Урумов / 9 издание на Џифони Македонија

„Петја за Петја“ е сниман во 2019 година, но поради короната, неговата премиера се случи пред неколку месеци.

Со филмот сакаме да покажеме дека тоа што се случувало пред 40 години и денес не е поразлично и дека борбата на поединецот против системот секогаш треба да постои, истакна Урумов.

Имавме 16 верзии на сценариото. На сестрата на Петја ù се допадна идејата и таа ја избра верзијата на сценариото што всушност го снимивме. Јас сум дел од целиот процес и на пишувањето од самиот почеток, а ми требаа седум години за да го снимам – вели Урумов, кој на прашањето како тој се бори против системот, рече дека всушност, не се откажал од филмот иако имало многу пречки.

Младите коментираа дека по малку е обесхрабрувачки да се борат со системот, кога таа борба секогаш завршува во полза на системот.

Публика во Кинотека на РСМ / 9 издание на Џифони Македонија

За сите категории учесници денеска продолжија работилниците. Во Кинотеката при крај се музичката и ликовната работилница. Менторките Лада Шоптрајанова-Петровска (музичка) и Моника Мотеска (ликовна) се презадоволни од соработката со децата, кои покажуваат посебен интерес во креативниот процес.

Лада Соптрајанова-Петровска / 9 издание на Џифони Македонија

Работилницата ја замислив да биде интерактивна. Не сакав децата да бидат само интерпретатори на нешто што јас сум го напишала/замислила претходно. Мислам дека е корисно за нив да бидат вклучени во сите фази на креирањето на едно музичко-сценско дело. Сами ги смислија и напишаа дијалозите, а кореографијата ја направивме сите заедно. Особено ми е драго што се здружија и што им е убаво заедно, иако претходно не се познаваа. Весели доаѓаат и си одат – вели Шоптрајанова-Петровска.

Музичка работилница / 9 издание на Џифони Македонија

По долг период на изолација и осаменост вакви креативни работилници многу добро дејствуваат врз детската психа и ментален развој, додава ликовната уметница Моника Мотеска.

Создадовме прекрасно ателје во галеријата на Кинотеката, кое по атмосфера и добра енергија наликува на уметничко школо. Децата се прекрасни, полни со креативност, љубопитни, но и со многу тактилност. Учевме за некои од светски познатите сликари од ренесанса, па до денес, како Дирер, Ван Гог, Сезан, Мане, Мондријан и Хокни. Зборувавме за тоа што е допадливо, а што е добро во една слика. Но, сепак најважно од сè е да ја разбудиме креативноста и истражувачкиот дух на децата и да помогнеме да се образуваат култивирани граѓани – вели менторката Мотеска.

Ликовна работилница / 9 издание на Џифони Македонија

На четвртиот фестивалски ден се одржаа и два мастеркласа. Младата Леона Јариќ зборуваше за искуството со снимањето на краткиот филм „Келијата“.

Јариќ е буквално порасната на фестивалот „Џифони“ и сподели како токму овде се осоколила да почне да снима филмови. Интересна дискусија на темата за религијата и борбата на верникот во себе се разви во публиката.

Леона Јариќ / 9 издание на Џифони Македонија

Вториот мастерклас го одржа младата режисерка Ана Андонова, која зад себе веќе има десет филма. На фестивалот се претстави со „Лили“, документарец за Лили од Азербејџан, кој е активист за правата на ЛГБТ лицата и на женските права и патува по светот. Престојуваше и во Македонија, а во секоја земја каде што оди остава по еден мурал.

Лили го запознав преку пријатели. Решивме филмот да биде документарец, што беше интересно за мене, затоа што сите претходни филмови ми се играни. Ме импресионираше со својата личност и покрај сè – рече Андонова

Ана Андонова / 9 издание на Џифони Македонија.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот