Со протести и уставни тужби против задолжителните мерки

Протест коронавирус Скопје (1)
Протест против ковид-мерките и вакцините / Фото: „Слободен печат“

Работнички синдикати и неформални групи граѓани се закануваат со протест откако Комисијата за заразни болести препорача вработените во јавниот сектор задолжително да се вакцинираат или да се тестираат против ковид-19 на секои 72 часа со ПЦР-тест на своја сметка, како услов да работат во јавните институции.

Обврската вработените во јавната и во државната администрација да го докажуваат својот негативен ковид-статус или со примена вакцина или со ПЦР-тест на секои 72 часа, беше дочекана „на нож“ од дел од работничките синдикати. Тие сметаат дека со воведувањето на мерката за вработените во јавниот и во приватниот сектор за задолжителна вакцинација или ПЦР-тестирање на сопствен трошок, се удира по и онака истенчениот џеб на работниците. Кризниот штаб во понеделник ќе заседава на седница за предложените мерки од Комисијата за заразни болести и ќе одлучи дали вакцинацијата за здравствените работници ќе стане задолжителна.

„Вакцинацијата мора да биде лична определба на работниците и на граѓаните и не може и не смее да се спроведува со уцени и присила. Имунизацијата не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и законите и против волјата на поединецот. Уцената и присилувањето може да предизвикаат неприфаќање од страна на работниците и со тоа да стагнира процесот“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Конфедерацијата на слободни синдикати потсетува дека тестирањето наметнато на работниците, за кое тие треба да плаќаат од сопствен џеб, е кршење на човековите права.

„За нас не е прифатливо трошоците за тестирање да бидат на товар на вработените, затоа што 80 илјади вработени во јавниот сектор работат за минимална плата недоволна да го преживеат месецот. Не може да се дозволи на осиромашените работници да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа се прекршуваат и нивните човекови права“, велат од Конфедерацијата на синдикати.

Оттаму укажуваат дека, ако Владата не ги послуша и сепак ги изгласа предложените мерки од Комисијата за заразни болести, ќе ги искористат сите синдикални мерки на располагање за да ја спречат примената.

Од здружението „Гласен текстилец“ најостро се спротивставуваат на предлог-мерките.

„Ѝ укажуваме на Владата да не ги усвојува мерките, бидејќи самата предлог-одлука за задолжително вакцинирање на вработените од јавниот сектор е неуставна и противзаконска односно спротивна на членовите 9, 10 и 11 и 27 од Уставот, спротивна на членовите 6, 7, 14 и 25 од Законот за заштита на правата на пациентите и спротивна на членовите 8, 9 и 12 од законот за спречување дискриминација. Бараме веднаш да бидат повлечени овие мерки што задираат во човековата слобода и дејствување, бидејќи во спротивно ќе биде поведена иницијатива за оцена на уставноста и на законитоста пред Уставниот суд како и повик за протест до вработените од јавниот и приватниот сектор против ваквите мерки”, напоменуваат оттаму.

Стопанската комора, пак, поднела иницијатива мерките да важат и во приватниот сектор. Подоцна појасни дека не се залага за принудно вакцинирање, туку за задолжително тестирање.

– Предлагаме мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период невакцинираните лица кои се во работен однос, да се вакцинираат. Не е противзаконски ако некој сака да го заштити здравјето на останатиот дел од вработените. Зборуваме за нешто што веќе во регионот и во ЕУ се третира како право на заштита на работа – рече потпретседателката на Комората, Анета Трајковска, за „Утрински брифинг“.

Министерството за здравство на прозивките одговори дека вработените имаат можност да приложуваат негативен ПЦР-тест ако решат да не се вакцинираат, а оние кои имаат здравствени проблеми не се присилени да се вакцинираат. Оттаму побараа да се поддржат мерките зашто тие се во интерес на јавното здравје и потсети дека такви мерки се воведени во многу земји од Европа и регионот, како во Словенија, Хрватска и Грција.

„Во услови кога се заканува нов силен ковид бран, должност на министерството и комисијата е да предложат соодветни мерки кои со сигурност ќе дадат резултати, како за намување на ширењето на вирусот, така и за подигање на процентот на имунизирано население“ – се вели во одговорот од МЗ.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски, во изјава за „Слободен печат“ вели дека мерките предложени од Комисијата се нелогични, неуставни и присилни.

За него е несфатливо зошто здравствените власти бараат да се вакцинираат по секоја цена луѓе што го прележале коронавирусот и создале природен имунитет кој трае и до една година.

– Ќе ви кажам само еден пример. Познавам човек кој трипати дарува крвна плазма, прележал ковид, има силен имунитет и антитела од 32 илјади, а со ваквите мерки не само што не му го признаваат имунитетот, туку и не му даваат да оди на работа?! Станува збор за човек чија крвна плазма ја користат за да спасуваат животи, а го малтретираат да се вакцинира. Не станува збор секогаш за граѓани кои се антиваксери, туку и за обесправени граѓани на кои природниот имунитет им се оспорува. Има и други нелогичности во овие мерки, како на пример тоа што се прави поделба на граѓаните на вработени во јавниот и во приватниот сектор. Која пандемија препознава таква разлика – прашува доктор Пановски.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот