Со претставата „Љубаф” отворена фестивалската програма на 11. Интернационален театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски”

Фото: МИА

Актерите од Градски театар „Јоза Ивакиќ” од Винковци, Република Хрватска, вечерва настапија пред кривопаланечката публика со претставата „Љубаф”, со што и официјално беше отворена овогодинешната програма на 11-от Интернационален театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски” во Крива Паланка.

Претставата беше изведена пред полна сала на сцената на Националната установа Центар за култура Крива Паланка каде ќе се реализира програмата на осумте фестивалски вечери, сите со почеток во дваесет часот.

„Љубаф” од Мјури Шисгал е во режија на Горан Рибариќ, во изведба на актерите: Матеа Марушиќ, Дориан Паулиќ, Дејан Фајфер и Владимир Андриќ.

Во рамки на фестивалската програма утре со почеток во 12 часот и 30 минути, во Локалната установа Градски музеј Крива Паланка ќе се одржи промоција на книгата „50 години во Драмски и клоцата во…” од Коле Ангеловски, а утревечер на репертоарот е претставата „Половњачи” во изведба на Народен театар „Лесковац” од Лесковац, Србија.

На овогодинешното издание на фестивалот ќе учествуваат и театрите: општински театар „Невена Коканова”, Дупница, Република Бугарија, Драмски театар, Скопје, Драмски куклен театар -Враца, Бугарија, Народен театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот”, Велес, Агенција за сценски изведби „Студио Призор”, Белград, Србија, како и Народен театар „Стерија”, Вршац, Србија.

Во рамки на придружната програма на фестивалот, во четврток ќе се промовира драмата „Брачниот живот на Зиме Замфирова” на Трајчо Кацаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот