Со план за канализација на општините не се отвораат преговорите со ЕУ

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Да е Христијан Мицкоски обичен човек, тогаш неговите реакции кон уставните измени можеби се разбирливи, иако не и оправдани. Имено, обичните граѓани во недостиг на информации имаат право да подлегнуваат на емоции и да реагираат бурно на одредени неправди, за кои сметаат дека меѓународната заедница или соседна Бугарија им ги прави ним и на нивната татковина Македонија. Но, Мицкоски никако не е обичен граѓанин. Тој е политичар што претендира да биде премиер и да ја води оваа држава и сите граѓани во вистинската насока, на најдобар можен начин.

Од досега кажаното, бидејќи друго не прави последниве години, тој не покажува капацитет дека ги разбира меѓународните односи. Дополнително и очигледно е дека нема кој околу него правилно да го советува и да му ги појасни правилата што важат во високата политика во рамки на новите геостратегиски движења и сферите на интерес на големите сили. А нема, бидејќи оние кои беа задолжени за надворешната политика од страна на неговиот претходник имаа само една задача – да не прават ништо што може да резултира со решение за државата од кое партијата и тој лично ќе имаат штета. Така, десетина години дипломатијата, наместо кон надвор беше свртена внатре за во јавниот дискурс да покажува непоколебливост и одбојност кон сè што доаѓаше од меѓународната јавност.

Затоа и Мицкоски сега покажува „тврдост“ и непопустливост на притисоците под кои е изложен, зашто неговите пратеници одбиваат да ги изгласаат уставните измени до степен на ароганција. Тој речиси ги избрка странските дипломати, оние кои сега ги водат преговорите, со пораката – да му ја мислат ако продолжат да доаѓаат да се сликаат со претставниците на оваа Влада, затоа што тие биле длабоко вовлечени во криминал и корупција, па на тој начин безмалку ќе бидат соучесници и ќе си направат проблем. Станува јасно дека Мицкоски не само што нема намера да гласа за уставни измени, туку се дистанцира во целост од сегашниот преговарачки процес. Тој најавува свој, како што вели, креативен план што ќе се темелел на три столба: национален, политички и економски. Иако не го образложи целосно, сепак посочи неколку поенти.

Како прво и основно, пред сѐ и над сѐ, во планот е барањето предвремени парламентарни избори. Зашто претставниците на власта „немале веќе кредибилитет“ да ја водат државата и да преговараат! Но, како Мицкоски им го одзема кредибилитетот што го стекнаа на избори, а неговиот се темели на само две-три анкети направени за потребите на партијата? Освен барањето избори, еден од суштинските елементи на „планот“ е градење канализациски системи низ општините, со што на граѓаните ќе им ја доближел Европската Унија што се вели, до газот.

Не дека тоа не им е потребно на граѓаните, но тоа ни оддалеку не значи дека ако ги затвориме септичките јами Европа ќе ја донесеме дома, а уште помалку дека со канализациите ќе влеземе во ЕУ, или дека ќе ги почнеме преговорите за членство. Или дека, како што веќе слушаме од некои интелектуалци, тогаш ТИЕ од Брисел ќе не молат да нè примат во ЕУ! Ако тоа навистина го мислат во оваа партија, тогаш оваа синтагма на Мицкоски „јас имам план“ ја надминува и прочуената изрека на Мартин Лутер Кинг „I have a dream…“

Вака изложен планот можеби е добар за изборна кампања, но тешко дека со него ќе остави трага во историјата, нешто што самиот признава дека го посакува. Тој планира да им го изложи планот на дипломатите во Брисел, ултимативно. Ако не го прифатат, тој нема намера да прифати уставни измени под овие услови. „Дали тоа ќе значи сопирање на процесот или барање план Б, тоа не зависи од мене. Тоа зависи од тие кои доаѓаат овде“, вели Мицкоски. Веројатно како реакција на одбивањето на планот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како последна можност го споменува и раскинувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. ОК, но што потоа? Се чини толку од „брзата лента“ за членство на Македонија во ЕУ за која до неодамна зборуваше Мицкоски.

(Авторот е новинар)

Преземено од Фронтлајн.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот