Со „Охис“ до Оскар

Сцена 1

Екстериер. Скопје. Ноќ.

 

Камион-цистерна се движи по широк градски булевар. Одозгора гледаме дека камионот се движи лево-десно помеѓу лентите како нешто да не е во ред.

СПИКЕР: Во тие последни шеесетина секунди пред големата несреќа, возачот на камионот воопшто не се чувствувал добро. Сакал само да стигне до блиската бензинска пумпа и да отпочине додека се испразни цистерната со високо-октански бензин која ја влечел. Во еден момент, од брзање направил погрешно свртување.

Сцена1 (продолжува)

Камионот нагло врти десно на една раскрсница и влегува во фабрички круг. Се обидува да маневрира по тесните улички. Гледаме како со задното тркало закачува друга цистерна. Таа се превртува, гледаме како сјајната течност го разјадува асфалтот. Камионот се упатува кон нешто што личи на излез, но тоа е затворена врата, се обидува да кочи, но ја пробива вратата. Цистерната се забива во куп големи пластични буриња. Бурињата се сини, со големи опасни налепници на нив. Забавено гледаме како дел од бурињата летаат во воздух, дел од нив се распрскува. Цистерната се забива во ѕид.

Црно.

 

Сцена 2

Екстериер. Клучка кај Миладиновци. Ден.

 

Комбе застанува покрај исклучување од автопат. Снимателот излегува и ја снима таблата покрај автопатот. На горната стрелка пишува: Велес, Гевгелија, Атенс. Стрелката за десно е прецртана со црвен икс и има еден наслов: Забранета зона Скопје.

 

Сцена 3

Екстериер. Кеј на Вардар. Ден.

 

Луѓе во жолти заштитни одела и кациги на главата шетаат покрај кејот кој е зараснат во треви. Сè е празно.

СПИКЕР: „На 10 години од големото труење, и покрај маските, се чувствував како да можам да ги помирисам големите липи што останаа да царуваат во овој простор….“

 

Ако не ви е јасно, вакво сценарио наскоро навистина и може да се сними за нас. „Охис“ е бомба што може да пукне во секој момент и ако како баби продолжиме да се чешламе додека селото ни гори, навистина ќе завршиме во прајм-тајмот на „Национална географија“, во термините наменети за големи несреќи. Можеби „Нетфликс“ или „Ејч-Би-О“ ќе направат и сериозна играна серија за нас, по теркот на Чернобил. Па и Чернобил беше прогласен за „најсигурна“ од сите потенцијални бомби, па пукна. Поради човечка грешка.

Главни ликови во таа некоја идна серија за катастрофата на Охис би биле негативците, односно оние, одговорните за оваа несреќа. Никој нема да го обвинува несреќниот возач. Тој, за жал, ќе остане само една од многуте безимени жртви, ама ќе се запаметат Директорот, Началникот, министрите, шефовите, тајкуните и сите оние што придонеле за една ваква несреќа. Ќе бидат запаметени како креатори на една од најголемите човечки глупости на 21 век. И ќе ги играат непознати актери за да се заборават полесно, а Кијану Ривс ќе го игра локалниот екоактивист кој со години се обидувал да ја спречи несреќата.

А Скопје повторно ќе биде споменик, но за разлика од шеесеитреќата, овојпат ќе биде споменик на неспособноста и глупоста на човекот. Солидарноста на овие простори одамна не постои.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот