Со НАТО Македонија ја реши вековната „безбедносна дилема“

Фото: Фејсбук

Македонија на лидерскиот самит на НАТО во Лондон беше пречекана и дочекана како рамноправна членка на најмоќниот сојуз. Самитот заврши, а наското ќе заврши и ратификацијата на Протоколот во шпанскиот парламент. Протоколот потоа ќе треба да се ратификува во македонското Собрание.

Со тоа повеќе нема да тропаме на портите на НАТО, туку ќе влеземе во куќата на НАТО. Што добиваме, а што треба да испорачаме? Според професорот и поранешен министер за надворешни работи, Денко Малески, државата го реши вековниот безбедносен проблем на Балканот во меѓународната политика познат како „безбедносна дилема“.

– Големата дилема со столетија наназад била што ни подготвува соседот на планот на безбедноста, дали е искрен во намерите за мир или подготвува војна. Сега балканските држави сите сме заедно на иста маса. Како со нашите соседи, така и со големите западни сили. Таа т.н. гаранција за мир е едно огромно достигнување за нашата држава – вели Малески за „Слободен печат“.

Поранешниот дипломат оценува дека Македонија за возврат треба да испорача и нешто на адресата на НАТО. А, тоа е доброто поведение во демократијата.

– Се разбира од нас се очекува и да придонесеме нешто со нашето поведение кон јакнење на Алијансата која не е само воен сојуз, туку и политичка организација на држави коишто ги споделуваат вредностите на демократијата. А она што историјта го потврдила е дека демократиите не одат во војна едни против други – вели Малески.

Неодамна и професорот Марјан Ѓуровски зборуваше дека Македонија со членството во НАТО пред се ќе ја зајакне безбедноста и суверенитетот.

– Членството е придобивка, но и обврска. Најважно е Република Македонија да продолжи на својот пат кон реформите за одбранбената адаптација, за домашните реформи, особено владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и другите преземени обврски на исполнување на стандардите во Армијата и подобрување на професионалниот и животен стандард на вработените во Армијата. Членството во НАТО не е крај на патувањето за Македонија, туку почеток на нов маратон за Европската Унија – рече Ѓуровски.

И додека премиерот Зоран Заев вчера на средбата на маргините на Самитот на НАТО доби ветување од шпанскиот премиер Педро Санчез, дека неговата земја наскоро ќе го ратификува Протоколот, домашните политички опозициски субјекти бараат макеоднското Собрание предвреме да го ратификува протоколот за членство во НАТО. Со иницијативата која ја достави до Владата, ВМРО-ДПМНЕ бара во најскоро време до Законодавниот дом да се достави Законот за ратификација на Северно-атланскиот договор и на Пристапниот протокол за членство во НАТО.

– Ваквата постапка е пракса која што во северно-атланската Алијанса е воведена при зачленувањето на Црна Гора во НАТО – велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека со ваквата иницијатива ќе се спречи и најмалата можност да се одложат предвремените парламентарни избори кои се закажани за 12 април.

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ доби поддршка и од Алијансата за Албанциате и од БЕСА. Според власта, пак, лицемерно е однесувањето на опозицијата. Од СДСМ велат се против предвремена ратификација и уште еднаш повторуваат оти се убедени дека шпанскиот парламент ќе успее да го ратификува протоколот навреме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот