Со најниска цена не можеме да дадеме највисока плата

денари
Денари / Фото: Архива на Слободен печат

Граѓаните, пак, реагираат дека дел од завршените градби или улици се толку неквалитетни, па наместо со асфалт како да се „мачкаат со путер“ и по неколку месеци се отвораат нови дупки или се прават „шини“ и вдлабнатини од тешки возила

Во пресрет на локалните избори, започнува и градежната експанзија, се копаат улици, се поправаат тротоари, се прават нови паркови, се забрзува реализацијата на капиталните инвестиции, но градежниците по којзнае кој пат реагираат дека најниската цена како критериум во јавните набавки и понатаму е проблем за фирмите што учествуваат. Државата, велат тие, се залага за постојано зголемување на платите, но тоа е речиси неможно, кога работат за „ситни пари“.

– Деведесет отсто од јавните набавки се бираат според критериумот на најниската понудена цена. Од друга страна, државата постојано инсистира да се зголемат платите на работниците, но како ќе го изведеме тоа ако не можеме да заработиме. Последно во низата е мотивирањето на неработните денови преку прогласување на неделата за неработен ден, што е невозможно, особено во ек на градежната сезона. Наместо да ја зголемуваме продуктивноста, ние го мотивираме неработењето – вели Андреа Серафимовски, претседател на Групацијата за градежништво во Стопанската комора на Македонија.

Во своите извештаи и анализи Европската комисија, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата континуирано го нотираа користењето на „најниската цена“ како единствен критериум. Меѓу најдрастичните примери се посочуваа набавките на лекови и други медицински потреби, кога набавката на поевтини лекови и медицински материјал во отсуство на критериумот квалитет, може да има штетни последици врз здравјето и животот на граѓаните. Како пример се посочуваа и набавките на храна за градинките, училиштата, болниците, каде квалитетот на храната треба да има приоритет над најниската цена која може да има штетни последици врз здравјето.

Еден од најспорните моменти на кој укажуваа граѓанските организации, беше и фактот дека и покрај најниската цена на електронските аукции, од буџетот се трошеле повеќе пари поради многубројните анекс договори на веќе потпишаните договори, па крајната цена се зголемувала најмалку по неколкупати. Граѓаните реагираат дека дел од завршените градби или улици се толку неквалитетни, па наместо со асфалт како да се „мачкаат со путер“ и по неколку месеци се отвораат нови дупки или се прават „шини“ и вдлабнатини од тешки возила.

– Со што ги асфалтираат улиците? Тамам ќе ги средат, пак ги раскопуваат. Секоја година како да се поправаат истите улици и тротоари. Еднаш се асфалтира, па следната година се копа пак и се ставаат павер елементи, потоа се редат поголеми гранитни коцки во боја. Веројатно се следи „модата“ кај градежните материјали – иронизираат граѓаните.

Кај сите набавки единствен критериум за добивање на договор е најниската цена. Овој критериум и е-аукцијата, беа задолжителни со претходниот Закон за јавни набавки за договорните органи, додека со новиот Закон за јавни набавки што стапи на сила на почетокот на 2019 година, оваа обврска е надмината, но истражувањата покажуваат дека и понатаму најниската цена е критериум во 95 отсто од набавките, а е-аукција се спроведува кај 93 отсто од тендерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот