Со мастеркласови на Доминик Вуковиќ и Бранка Холингсворт Нара почнува програмата на „Литера 2023“

Свеченото отворањена фестивалот се одржа во Музејот на град Скопје

Во Музејот на град Скопје на 23 мај беше отворено 5. издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца, со изложби на тројца илустратори од Хрватска и на македонски современи илустрации.

Илустраторите од Хрватска, гости на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера 2023“, Доминик Вуковиќ и Бранка Холингсворт Нара на 24 мај ќе одржат мастеркласови во Музејот на град Скопје.

За тајните на своите техники на работа и пристапот во детската илустрација, на пладне предавање ќе одржи Доминик Вуковиќ. Тој е роден во Загреб, во 1990 година. Завршил Академија за ликовни уметности во класата на Свјетлан Јунаковиќ во 2015 година. Тој е илустратор, графичар и сликар, а од 2019 година работи како надворешен соработник на академијата во Загреб, на графичкиот отсек. Вуковиќ е еден од најнаградуваните илустратори во Хрватска.

Мастеркласот на Бранка Холингсворт Нара ќе се одржи во 17 часот. Таа веќе неколку години има свој блог и објавува прирачници со кои им помага на помладите илустратори да навлезат во тајните на илустрацијата за деца.

Бранка Холингсворт Нара е родена во 1974 година и живее во Самобор. Дипломирала графичко обликување во Загреб, а постдипломски студии за илустрации за деца и млади завршила на Школата за дизајн и уметност при Универзитетот ЕИНА во Барселона. Работи како самостојна илустраторка на учебници, книги за млади, сликовници и корици за книги, авторка е на плакати и промотивни визуелизации и раководителка на стрип-работилница за млади. Со илустрација за деца се занимава повеќе од 20 години.

Претходно, во 11 часот, креативна работилница одржа Доротеј Нешоски. Во 13 часот следува претставата „Авантурите на Стела и Сани“, додека во 18 часот ќе следува промоција на сликовниците за деца „Волшебното патување на Простор и Време“ од Мирко Трајановски и Кристијан Јованоски, како и „Љубовта спасува животи“ на Свјетлан Јунаковиќ. Во 20 часот, заедно со Ана Голејшка Џикова ќе биде организирана Офф програма – „Приказни создадени по заспивање на децата“.

Петтото издание на Фестивалот „Литера“ синоќа беше отворено во Музејот на град Скопје. Љубители на пишаниот збор, на сликовниците, на илустрациите дојдоа да ги видат изложбите на гостите на фестивалот Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ-Врачар и Бранка Холингсворт Нара, како и на македонските илустратори кои се дел од изложбата „Свет со љубов“.

Културата и уметноста не се придружни станици, тие се составен дел од целото патување наречено живот. Но, за да биде така неопходно е да им ги вдахнеме на нашите најмили уште на почетокот на тоа патување. Тоа е мисијата на тимот кој веќе пет години го креира овој фестивал за илустрација и литература за деца, истакна Софија Семенпеева, основач на фестивалот.

– Светот им припаѓа на децата. „Литера“ е волшебно патување во кое се впуштивме без да предвидиме со што сѐ ќе се соочиме. Идејата сама по себе не е доволна, „Литера“ по пет години постоење, полека, но сигурно да станува вистински културен бренд на градот и на државата. Вложивме огромен труд, многу непроспиени ноќи, извозени километри и многу, многу ум. Публиката за клутура се создава од мали нозе. Здраво општество и културни вредности се градат со работа уште на најмала возраст. Секое дете кое дошло на „Литера“ е дете за кое зборот уметност повеќе не е апстрактен збор. Со „Литера“ стигнавме до делови за кои, можеби, некој и не слушнал, но и таму има деца кои со жар во очите не дочекаа да читаме сликовници, да цртаме и да раскажуваме волшебни приказни. Стигнавме до Казандол и Чалакли, каде читавме сликовници на турски јазик. Бевме во Негорци, Миравци, Струмица, Валандово, Гевгелија… Веќе трета година го реализираме креативниот камп „Литера“, каде децата учат дијалекти, цртаат, создаваат приказни, се среќаваат со уметници, писатели… Многу макотрпно и посветено го одиме патот на „Литера“ зашто е важно каков свет им оставаме на нашите деца. Важно е да им градиме „Свет со љубов“, какво што е мотото на фестивалот годинава – рече Семенпеева.

Таа потсети на големите изложби на Димитар Кондовски и на Младен Туниќ што ги реализира фестивалот во првите две години, со кои на новите генерации им оставивме белег.

Фестивалот се организира со поддршка на Министерството за култура, а го помагаат „Халкбанк“, „Ефектива“, „Органик нар“, „Скопска пивара“, Умно.мк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот