Со маалска дружба на плоштадот Делфина продолжува борбата за Влае

Фото: Борба за Влае

Од Иницијативата велат дека на утрешната средба на жителите ќе го презентираат нивниот манифест и ги покануваат влаевчани да дојдат, да ги кажат своите идеи и желби, но и да понудат помош оние што би сакале и кои би можеле да помогнат.

Деталниот урбанистички план Градска четврт С 3 19 за Влае 2 пред два месеца ги размрда граѓаните од оваа населба, кои го кренат својот глас во обид да спречат да се донесе планот со кој, според нив, би се овозможила бетонизација на просторот. Од иницијативата „Борба за Влае“, која беше формирана во периодов додека траеше јавната анкета за овој ДУП, изнесоа низа конкретни забелешки на планот, ги поттикнаа граѓаните масовно да пополнуваат анкетни листови и одржаа маалска средба на која присуствуваа мноштво жители на населбата со една заедничка цел – да го сочуваат мирот и хуманото живеење во Влае.

Сега, оттаму најавуваат дека борбата за Влае продолжува. В недела, поточно утре, на плоштадот Делфина во периодот од 11 до 14 часот ќе се одржи уште една маалска дружба.

Пред речиси два месеца ја направивме првата маалска дружба каде што сфативме дека е огромен бројот на сожители, кои се спремни да се борат за нашата населба. Дознавме дека низ декадите имало повеќе маалски иницијативи и петиции, а и дека тие луѓе сѐ уште ги бараат работите што не ги добиле во минатото. Во овие два месеца успеавме да се запознаеме подобро меѓу нас, да истражуваме закони и архитектонски планови, но и да сфатиме што ни е потребно за борбата што би следела ако Општина Карпош не ни ги прифати забелешките за предлог ДУП – објаснуваат од „Борба за Влае“ во објавата за претстојната маалска средба.

Оттаму додаваат дека на 15 мај на средбата на Делфина ќе го презентираат нивниот манифест и ги покануваат влаевчани да дојдат, да ги кажат своите идеи и желби, но и да понудат помош оние што би сакале и кои би можеле да помогнат. Ќе бидат ставени, како што велат, и отворени листови каде што секој ќе може да се потпише за да изрази поддршка или да каже како би можел да помогне.

Со Деталниот урбанистички план што го спорат жителите, на местото на инклузивното игралиште на плоштадот Делфина и на дел од зеленилото се планира изградба на црква, на чистинката спроти КАМ е предвидена изградба на станбена зграда, а зграда ќе има и на просторот на некогашното кино „Влае“ висока 10 ката. На јужната страна од Порта Влае, пак, се планирани монтажни гаражи на две нивоа.

Меѓу забелешките што ги изнесоа од „Борба за Влае“ беше и тоа дека во предложениот ДУП има лажирани податоци дека изградените објекти зад маркетот „Тинекс“ се со катност П+3+ПК, иако тие се изградени со еден кат помалку, а намерата, според нив, е на празните парцели да им се даде поголема катност.

На местото, пак, каде што сега се спортските отворени игралишта покрај Вардар, со планот се дозволува изградба на затворен објект за спорт и објект за здравствена и социјална заштита. Како што објаснија пред два месеца од „Борба за Влае“, планираниот објект за спорт и неговата парцела ги зафаќа сите отворени игралишта, паркот за кучиња и дел од тревникот. Според нив, станува збор за огромен објект со површина од 5.129 метри квадратни и парцела со површина 7736 метри квадратни и стигнува до самиот тротоар на булеварот Партизански одреди на север и до улица Сливовска на запад.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски тогаш ги отфрли тврдењата на „Борба за Влае“ и нагласи дека со новиот ДУП, кој е подготвуван во време на неговиот претходник, на тој дел од општината е предвидена намена Д3 – спорт и рекреација и дека граѓаните треба да бидат спокојни затоа што во делот на спортските терени нема да биде ставена ниту една лопата со бетон. Тој рече дека е вцртана и една детска градинка, покрај онаа што претходно била вцртана до ОУ „Димо Хаџи Димов“, и дека не може да разбере како некој може да има против изградба на градинка кога во овој дел од општината нема доволно места и многу деца чекаат да бидат сместени во градинките.

Видео на денот