9 C
Скопје

Со лесни дроги „ќе ги лечиме“ тешкотиите во угостителството

Здруженијата што се залагаат за декриминализација и легализација на канабисот сметаат дека, кога веќе државниот размислува да дозволи комерцијална употреба во кафулиња, тогаш да не должи многу и да отвори јавна дебата за целосна легализација на растението, по која ќе му се дозволи на секој што сака да го сади дома и да го користи според своите потреби.

Деновиве разни здруженија го поздравија најновиот чекор напред што неодамна го најави премиерот Зоран Заев, дека ќе се дозволи консумација во кафулињата во туристичките места за да се развива туризмот, но предупредуваат дека тоа не е доволно и укажуваат на многубројните предности и позитивните економски искуства од земјите каде што канабисот веќе со години е целосно легализиран.

Од друга страна, темата ја напаѓаат опозициските политички партии во потрага по дневни поени, па цела година доцнат најавените измени на Законот за опојни дроги, со кој требаше да се дозволи извозот на сув цвет од канабис и производителите на медицинска марихуана во Македонија да излезат од финансискиот амбис во кој западнаа и опасноста да ги затворат фирмите.

Здруженијата бараат целосна легализација

Според Филип Достовски од здружението „Зелена алтернатива“, тоа што ќе се овозможи продажба на сув цвет е за поздравување, затоа што фирмите што одгледуваат канабис ќе почнат да заработуваат и ќе се раздвижи економијата, а секој што сака ќе може да си купи квалитетен канабис, наместо сомнителен од нелегални извори. Тој додава дека комерцијалната продажба во кафулињата е само мал сегмент од комплексната тема, чија добра разработка ќе донесе многу придобивки за целото општество и повикува на отворена јавна дебата.

Прочитајте и...  Заев: Бугарија нѐ призна прва, а признавањето на суверенитетот значи признавање на правата на определба

– Во ред е да се продава канабисот во кафулињата, но сметам дека е невозможно тоа да биде ограничено само на туристички места, затоа што тоа би значело дека еден ист граѓанин може да консумира канабис во Стара чаршија, а за истото во Карпош ќе го уапсат. Потребна е целосна декриминализација и легализација и искрена дебата, затоа што во оваа сложена тема се и правата на болните да го одгледуваат сами растението дома и од него да си прават масло за лек. Јасно е дека намерата е во кафулињата да се продава вишокот цвет од лиценцираните производители, но зошто и самите граѓани да не им продаваат сопствен сув цвет од канабис на кафулињата ако имаат докажано потекло и квалитет, исто како што им продаваат зеленчук на рестораните – прашува Достовски за „Слободен печат“.

Достовски вели и дека го чуди гласноста на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која е против измените на Законот за опојни дроги, како и против најавената декриминализација.

– Кога ќе се дозволи извоз на сув цвет, нема да ќарат само фирми блиски до семејството на Заев, како што обвинуваат, напротив, од вкупно 70 производители на медицински канабис, поголем е бројот на фирми што се поблиски до опозицијата – прашува Достовски.

Прочитајте и...  Трајановски: Жал ми е што не успеав во мое време да го вратам животот на езерото Треска

Од здружението „Билка“ ја поздравуваат и ја поддржуваат одлуката на Владата да почне процесот на легализација на канабисот со негова комерцијална продажба во лиценцирани локали, но ја сметаа за парцијално решение. Претседателот Јанаки Митровски вели дека тие се залагаат за целосна легализација што подразбира право на секој што има медицинска потреба да има десет растенија по домаќинство, а секој „рекреативен корисник“ да има три растенија по домаќинство за лична употреба, со задолжителна регистрација во државно тело.

– Загрижува реториката која спомнува „доказ за потекло“, што укажува на тоа дека садењето канабис дома, нема да биде дозволено. Да почекаме и да го видиме законот. Мене лично ме загрижува и тоа што единствено се говори за правото на стопанисување кое максимално го поддржуваме, но, не и за потребите на граѓаните и пациентите. Самиот факт што и по четири и пол години листата на дозволени области за препис на канабис заглави на мизерни четири, како и фактот дека речиси и нема производи на пазарот, е доволен доказ за ова. Лично, категорично сум против лудите стапки на ДДВ од 30 до 70 отсто што ги заговараат одредени владини и невладини организации кои се суперкооперативни со извршната власт. Ова ќе доведе до екстремно висока цена, со што црниот пазар не само што нема да исчезне туку ќе се поттикне, а тоа е спротивно на целите на легализацијата – вели Митровски за „Слободен печат“.

Прочитајте и...  Скопје ќе добие нов зелен простор во близина на МНТ

Државниот врв е внимателно „за“

Неодамна премиерот Заев најави делумна легализација на канабисот како дел од поширок економски пакет мерки „во кој полагаат многу надеж.

– Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и во Скопје, кафулињата постојни и нови, со почитување одредени стандарди како вентилација, доказ за потекло на марихуаната и сл., да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив. Целта е да биде контролирано како во Амстердам и во многу други градови во светот. Тоа може да донесе сериозен развој за угостителството и на туризмот – рече Заев.

По него и министерот за правда Бојан Маричиќ најави дебатата за темата во која покрај стручната јавност и експертите, ќе се вклучат и граѓанските здруженија. Претседателот Стево Пендаровски неодамна рече дека треба да се декриминализира канабисот и дека веќе доцни заокружувањето на легислативата за канабисот за медицински цели.

– Не треба да се носи брзо одлуката за создавањето на законски претпоставки за комерцијална продажба на марихуаната. Таа дебата треба да се води во стручните, а не во политичките кругови – рече Пендаровски.

Поврзани вести

На денешен ден – 23 јануари

Слободен печат

Во прогонство помина осум години, денеска се празнува големиот епископ Ниски

Слободен печат

Израел собори дрон од Либан

Слободен печат

Најпосакуваната професија на пазарот: Колку заработуваат ИТ експертите?

Слободен печат

ЛГ планира да го напушти производството на паметни телефони

Слободен печат

Симболична забрана на нуклеарни арсенали, без велесилите со атомски бомби

Митко Билјаноски

Остави Коментар