Со кредит од 1,5 милиони евра од Светска банка се реконструира граничниот премин Деве Баир
Македонските граѓани ќе имаат модерен граничен премин којшто е дел од Коридорот 8 и тоа е една силна политичка порака затоа што изминатиов период бевме обвинувани дека Коридорот 8 не бил толку приоритетен, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот со кој официјално беше означен стартот на проектот за изградба на нов современ административен објект на терминалот за стоково царинење, како и целосна реконструкција на самата управна зграда на граничниот премин Деве Баир.
Проектот е финансиран со кредит од Светска Банка и изнесува 96.000.000 денари.
На настанот присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, директорот на царинската управа, Бобан Николовски и Масимилијано Паолучи, претставник од Светска банка во земјава.
Добро е тоа што македонските граѓани коишто ќе го враќаат овој кредит од Светската банка ќе имаат модерен граничен премин, дел од Коридорот 8 и тоа е една силна политичка порака затоа што изминатиов период бевме обвинувани дека Коридорот 8 не бил толку приоритетен, друг коридор Коридорот 10 бил приоритетен. Но, со самото ова и она што ќе започне од понеделник, тоа е реконструкција на ГП Клепало покажуваме јасна определба дека секоја точка на Македонија нас ни е важна, и дека нема да оставиме ниту една точка којашто нема да биде реконструирана и реновирана, порача Мицкоски.
Тој посочи дека македонските граѓани кои што ќе ги плаќаат овие кредити коишто ги зема македонската Влада ќе добијат европски услови кога ќе ги поминуваат граничните премини и ќе нема повеќе гужва и турканици како што тоа било во минатото, како и поефикасна работа на Царинската управа.
Со реконструкција на управната зграда ќе добиеме нови помодерни услови, современи услови за работа на царинските, но и на полициските службеници, а со изградба на новиот објект за стоково царинење, покрај царинските службеници, бенефит ќе имаат и сите инспекциски служби како државниот инспекторат за земјоделие, граничната фито-санитарна инспекција и агенцијата за храна и ветеринарство. Воедно, процедурите за извоз, увоз и транзит ќе се одвиваат на едно место, што ќе значи олеснување за економските оператори и скратено време за завршување на псотапките, рече директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Годинава заклучно со септември на овој граничен премин поминале 88.213 камиони, 11 проценти повеќе од минатата година. Од аспект на наплата на приходи на буџетот на терминалот на стоково царинење на Деве Баир наплатени се 1.4 милијарди денари или 110 милиони повеќе од лани, тенденција што одговорните планираат да расте.