Со концерт во чест на Џими Хендрикс почнува блуз и соул фестивалот во „Станица 26“

Фото: Принтскрин

Блуз и соул фестивалот вечерва од 21 часот во „Станица 26“ ќе почне со концерт на италијанско-американскиот четиричлен состав „Leon Hendrix & Fulvio Feliciano Band“ предводен од блуз и рок-гитаристот Фулвио Феличиано и Леон Хендрикс – брат на легендарниот гитарист Џими Хендрикс.

Во проектот посветен на музиката на Џими Хендрикс, покрај сопствен материјал и класични блуз-песни, вокалот и гитарист Феличиано вклучува и неколку добропознати песни на Џими Хендрикс, кои се одлично прифатени од фановите низ Европа.

– Репертоарот кој Феличиано може да го понуди на неговите настапи во живо е огромен и вклучува 40 песни кои ја опфаќаат дискографијата на Хендрикс, со цел да ја вратат, односно повторно да ја креираат таа атмосфера, тој звук, нудејќи психоделично шоу длабоко вкоренато во блузот и фанкот, кои ја карактеризираат музиката на Џими, оставајќи простор за инстинкт и импровизација – соопшти Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, организатор на „Блуз и соул“.

Во неговиот бенд се и гитаристот Леон Хендрикс – брат на покојниот Џими, како и Марко Д’Анџело – бас и вокал, и Лука Мартини, тапани и вокал. Леон Хендрикс е уметник, текстописец и гитарист кој со музика почнал да се занимава малку подоцна во животот. Има издадено неколку албуми. Најдобро е познат по неговите оригинални илустрации. Во 2012 ја објавил својата книга насловена „A Brother’s Story“.

По нивниот настап, во „Станица 26“ на првата вечер од фестивалот „Блуз и соул“ ќе настапи и групата „Zippy Nappers” од Грција која постои неколку години под водство на Спирос Мисокефалос.

На нивниот репертоар претежно е американски блуз-рок, а на нивните настапи најчесто изведуваат композиции од ББ Кинг, Ета Џејмс, СРВ итн. Инспирирани од овие легендарни блуз-музичари, четворицата членови на „Zippy Nappers” свират и сопствени, авторски композиции.

Организаторот на фестивалот наведува дека концертите и настапите на овој грчки бенд се особено прифатени од публиката поради нивната енергија, моќ и акција.

Блуз и соул фестивалот ќе продолжи утревечер со уште два концерта – на унгарскиот состав „Török Fehér Duó” и на македонски блуз-рок бенд „The Mole Pack”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот