Со компостирање трева и лисја ќе се подобрува хигиената во општина Аеродром

unsplash

Освен од домаќинствата, Општина Аеродром ќе го селектира и преработува и органскиот отпад од јавните површини како што е искосена трева, листови, гранки и остатоци од зелените пазари, а компостот што ќе се добие од преработката ќе се врати кај самите жители, кои ќе го добиваат за свои потреби.

Жителите на Општина Аеродром ќе имаат можност први кај нас да се вклучат во селекција и преработка на органски отпад. Како што информираат од оваа скопска општина, аеродромци ќе бидат вклучени индиректно преку европскиот проект „Clean AirDrom“, преку кој ќе се врши селекција на отпадот поделен по видови, а еден од нив е и органскиот отпад.

– Освен од домаќинствата, Општина Аеродром ќе го селектира и преработува и органскиот отпад од јавните површини како што е искосена трева, листови, гранки и остатоци од зелените пазари. Компостот што ќе се добие како производ од процесот на разградување и ќе се врати кај самите жители, кои ќе го добиваат за свои потреби. Овој светски начин познат како „циркуларна економија“ за првпат ќе се применува во управувањето со животната средина токму во Општина Аеродром – информираат општинските власти и објаснуваат дека проектот насловен како „Центар за компостирање органски отпад“ всушност претставува меѓународно развоен проект, што се имплементира на иницијатива на бизнис заедницата, во случајот Друштвото за селекција и преработка на отпад „Мама органа“ и меѓународниот партнер „Компостер“ од Марибор, Република Словенија, кофинансиран од Општина Аеродром и општинското Јавното претпријатие за управување со развојни проекти.

Реализација на овој важен проект за заштита на животната средина ќе чини 350 илјади евра, а кофинансирањето на Општина Аеродром е во висина од 33 отсто, односно седум милиони денари.

– Покрај индиректниот бенефит што ќе го имаат жителите, Општина Аеродром годишно ќе заштеди околу шест милиони денари, кои досега се даваат за одлагање на органскиот отпад во јавната депонија „Дрисла“, без никаква повратна вредност. Воедно ќе се намали обемот на ѓубре што се фрла во контејнерите, како и спречување на непријатната миризба што го создава органскиот отпад, особено во летниот период – заклучуваат од општината.

Европската агенда на Општина Аеродром, поставена преку стратегиската платформа за ЛЕР 2021-2025 година насловена како „Општина Аеродром – прва општина со европско знаменце“, доби одобрување на проект „Clean AirDrom“ во форма на грант од Европската Унија, кој од финансиски и тематски аспект е најголем и е прворангиран на Јавниот повик за општински проекти на Европската Унија во државата.

Проектот „Clean AirDrom“ се очекува директно да влијае врз свеста и екокултурата на жителите на општината на тој начин што секое домаќинство ќе добие соодветна канта за отпадоци со три прегради (сина, жолта и зелена) за директна селекција на хартија, пластика и стакло.

– Собраниот селектиран отпад домаќинствата ќе можат да го фрлаат во 20 соодветни „вендинг-машини“, кои ќе бидат поставени за опслужување на неколку згради и притоа ќе можат да собираат поени, односно финансиски средства како вид рефундација и мотивација за вклученоста во процесот на селекција. Понатаму акумулацијата на насобраниот селектиран отпад и неговата комерцијализација, односно повторно пуштање во употреба или практикување на процесот на „циркуларна економија“ на локално ниво во форма на засебен проект ќе го раководи Јавното претпријатие за управување со развојни проекти на Општина Аеродром – информираат од оваа скопска општина.

 

Видео на денот