Со Каракачанов може да се преговара колку со Златна зора!

Владо Бучковски и Екатерина Захариева / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Специјалниот претставник на владата Владо Бучковски од вчера е во неколкудневна посета на Софија во мисија „за враќање на довербата во спроведувањето на Договорот за добрососедство“, но засега останува неизвесно за што конкретно ќе разговара тој – дали ќе даде одговор на барањето на бугарската страна да се потпише Анекс од 12 точка на договорот, дали ќе бара одговор на понудениот Акциски план за спроведување на договорот или нешто трето.

Од Владата не даваат информации што содржи Анексот и покрај тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ два дена ја прозива да одговори „дали почнуваат преговори за продажба на македонскиот идентитет“.

Од МНР најавуваат дека деновиве ќе се разменуваат предлози од двете страни, а според аналитичарите, Македонија сега не мора да брза да најде решение за уцените на источниот сосед се додека таму не завршат парламентарните избори во март.

Според аналитичарот Петар Арсовски, од анексот што викендов го најави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов нема да има ништо, затоа што тоа е предизборен памфлет.

– Обидот на Бугарија да издејствува нов документ во македонско-бугарските преговори е наменет за нивната домашна политичка сцена за подигање на рејтингот пред гласањето. Од ваквите настапи најмногу корист и политички поени има Каракачанов и неговата партија ВМРО, а потоа и паријата ГЕРБ на актуелниот премиер Бојко Борисов. Ваквите понуди за анекс на договорот за нашата страна се апсолутно неприфатливи и од тоа нема да има ништо – вели Арсовски за „Слободен печат“.

За него, сегашната ситуацијата во која Каракачанов го има главниот збор во преговорите меѓу Македонија и Бугарија е слична како на пример поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас да му рекол на премиерот Зоран Заев дека македонско-грчките односи треба да разговара со екстремистичката Златна зора.

– Нема да има напредок се додека Каракачанов е главен во разговорите. Тие се обидуваат ова прашање да го држат актуелно и да собираат поени во кампањата, а нам ни одговара да не се  брза, некоја зен позиција до март, да поминат изборите и да се види новиот распоред на политичките сили. Секако, во ред е што е таму Владо Бучковски, треба да се разговара, но да не ни се брзи прстите, што би се рекло, да не се брзаме за решение. Во овој случај брзината со која ќе се реши спорот не е еднаква и на квалитетот – заклучува Арсовски.

Според бугарските медиуми целта на посетата на Бучковски е да се врати довербата меѓу двете земји и спроведување на Договорот за пријателство од 2017 година. Тој последен пат беше во Софија на почетокот на декември, кога имаше средби со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, премиерот Борисов и вицепремиерот Каракачанов, пред Софија да го потврди ветото во Брисел за усвојувањето на преговарачката рамка за членство во ЕУ.

Каракачанов пред средбата со Бучковски порача дека нема да има напредок се додека во С. Македонија има говор на омраза и „некој таму мисли дека ќе се користат надворешни фактори за да се изврши притисок врз Бугарија“.

– Бугарија има јасен став и крајно време е во Скопје да почнат со читање на одлуките на бугарскиот парламент. Мислам дека нема смисла да водиме празни муабети. Г-дин Бучковски е добронамерна личност. Има политичко искуство, писмен човек, со добар став кон Бугарија. Не случајно е избран за преговарач и посредник, но мислам дека властите во Скопје го користат. Се користи за демонстрација на добра волја. Тој самиот има добра волја, но оние што го испраќаат немаат – рече Каракачанов.

ВМРО-ДПМНЕ: Владата да не го крие Анексот

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера повторија дека „се планира Бучковски тајно да преговара за македонскиот јазик и идентитет“.

– Владата од граѓаните ги крие условите и барањата од Анексот со 12 точки. До кога на некои тајни преговарачки маси ќе се раскрчмува македонскиот идентитет и јазик? Владата дозволува Македонија да се негира на телевизиски емисии во Софија, а македонскиот идентитет да биде карта за поткусурување во преговорите со ЕУ. Со посочениот Анекс клопчето започна да се одмотува. Се потврди информацијата на ВМРО-ДПМНЕ од минатата година дека на македонската влада и бил врачен Анекс од 12 точки, со негаторски позиции за македонскиот идентитет. Сега дознаваме и дека тој Анекс им бил даден на Заев, Димитров и Османи уште во ноември лани. Три месеци молк за македонските граѓани, три месеци тајни преговори – рече вчера Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот