Со говор на Мицотакис, но и со протести утре почнува 84 Меѓународен саем во Солун

Со обраќање на грчкиот премиер, со низа протести меѓу кои еден и против Договорот од Преспа и под силни безбедносни мерки утре попладне се отвора 84. издание на Меѓународниот саем во Солун.

Викендов, центарот на економските и политички случувања и вниманието на грчката јавност ќе биде насочено кон Солун, каде што премиерот на Грција, како и секоја година, со традиционалниот говор на отворањето ќе ги открие следните чекори и активности на неговата влада, jави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно со отворањето, исто така традиционално, како и секоја година, пред саемот ќе се одржат низа протести. Оваа година, до сега, закажани се најмалку шест собири.

Двата најголеми синдикати на вработените во приватниот и државниот сектор заедно ќе одржат синдикатот протест, синдикатот на Комунистичката партија ќе протестира посебно, а свои собири закажаа и левичарски здруженија, партии и организации, како и анархистички групи.

Одделен протест, преку социјалните мрежи организираат лица кои се против Договорот од Преспа.

За безбедноста ангажирани се над 3000 полицајци, а специјални единици во Солун пристигнаа од грчката престолнина.

Општина Солун, според грчката државна телевизија ЕРТ, ги отстранила кантите за отпадоци и контејнерите од улиците каде што е планирано да поминат демонстрантите, а Здружението на трговци побарало од сопствениците на продавници да преземат превентивни мерки.

На Меѓународниот саем што ќе се одржи од 7 до 15 септември под мотото „Претприемништво, иновации и екстровертност”, ќе учествуваат 1600 изложувачи, бројка поголема во споредба со лани. Претставници ќе има од 18 земји, а Индија е почесна земја.

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, попладнево заминува за Солун, во вечерните часови, планирано е да се сретне со новиот солунски градоначалник Константинос Зервас.

Мицотакис утре наутро, ќе одржи средба со претставниците на управниот одбор на саемот, веднаш потоа ќе ги посети штандовите, а во 20 часот по локално време ќе се обрати на свеченото отворање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот