Со евтина монтажа се тврди дека Џафери бил пијан на седница

На социјалната мрежа Фејсбук се споделува видео од тензичната собраниска на која се расправаше за ГА-МА и која траеше цела ноќ. Во видеото лажно се тврди дека спикерот Талат Џафери бил пијан на седницата. Ова видео дури заврши и на некои малку познати портали.

„Треба да се мери промили на алкохол при влез на собраниска седница! Особено на шверцувана!“,  стои во објавата со видеото.

Според коментарите оставени под него кое за кратко време стана вирално, може да се забележи дека граѓаните поверувале во лагата и упатувале сериозни навреди кон претседателот на Собранието.

Но кога ќе го отворите видеото ќе видите дека станува збор за очигледна монтажа. Говорот на Џафери на моменти е сечен, лепен и монтиран и изгледа како да не знае што зборува. Во позадина е пуштена и монтирана кафеанска песна.

Иако од авион се гледа дека видеото е обична „монтировка“, сепак „Слободен печат“ се обрати и до кабинетот на спикерот Џафери, со цел да добиеме одговор дали е точна информацијата дека претседателот на Законодавниот дом дошол пијан на седницата.

Оттаму децидно ги демантираат ваквите наводи.

„Со оглед на тоа дека е крај на годината и во законодавниот дом секојдневно, а понекогаш и до доцните вечерни или рани утрински часови се одвиваат пленарните седници и седниците на работните тела чијашто работа, со оглед на определбата за транспарентно и достапно Собрание, се пренесува директно на Собранискиот канал, за жал, се злоупотребува или манипулира позицијата и личноста на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери со очигледно монтирани, злонамерни и непотврдени инсинуации кои ја дискредитираат неговата личност, позиција и одговорна должност пред институциите и граѓаните. Факт е дека овој собраниски состав, покрај тоа што е нов, составен е во поголемиот дел од пратеници кои се првпат на таа функција и се разбира, имаат потреба од време за да ги научат правата и обврските што ги дава Деловникот за работа на Собранието и начинот како да ја вршат пратеничката должност. Би било добро доколку медиумите, порталите и јавноста, ја ценат и почитуваат спремноста на претседателот Џафери да им излезе во пресрет со совет и сугестии секогаш на сите пратеници, без оглед на нивната припадност, онака како што и се изјаснил уште на самиот почеток на неговиот сега веќе втор мандат, дека ќе биде претседател на сите пратеници. Со надеж дека овие очигледно монтирани видеа нема да успеат во тие злонамерни цели, со индигнација ги отфрламе“, ни одговорија од кабинетот на Џафери.

И го хакирале профилот и објавиле дека двете деца и умреле од ковид-19

Лажна вест завчера го растревожи граѓаните на Кавадарци. На Фејсбук се појави објава во која кавадарчанка известува дека двете ќерки и починале од ковид-19, додека „Филипче тврдел дека се е под контрола“. Набрзо беше откриено дека станува збор за невистина. Имено, таткото на младите девојки во изјава за порталот Тазе потврдил дека неговите деца се здрави и живи и дека станува збор за нечесна игра на некоја нечувствителна личност.

Од болницата во Кавадарци информираа дека ќе го пријават во полиција случајот со оваа лажна вест. Ова за МИА го потврдиле од Министерството за здравство.

Пријава за случајот во кавадаречката полиција веќе поднеле и двајцата сопружници, чии ќерки беа прогласени за мртви на интернет, потврдил за МИА Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот