Со еден ученик во семејството, во август биле потребни минимум 42.342 денари

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Синдикалната кошничка за август изнесува 34.342 денари и е за 214 денари поголема отколку во јули, пресмета Сојузот на синдикати. Но, оттаму велат дека ако во семејството има еден ученик, потребни се најмалку 42.343 денари.

„Овој месец е пред почетокот на учебната година за кој според податоците што се официјално достапни и изнесени во јавност, родителите треба да одвојат најмалку по  8.000 денари по дете кое посетува настава во основно или во средно училиште“, велат од ССМ.

Синдикатот секој месец ја пресметува таканаречената синдикална кошничка, во која влегуваат неопходните трошоци за едно четиричлено семејство кое нема автомобил и троши најевтини средства за хигиена.

За август, ССН пресмета дека најмногу пари треба да се одвојат за храна и пијалаци, 14.633 денари, а за домување 10.818 денари. За лична хигиена 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари. За култура 1.068 денари и за здравје 736 денари. „Анализите на ССМ покажува дека трошоците за живот постојано се зголемуваат, а платите стагнираат“, велат од ССМ.

Оттаму уште еднаш потенцираат дека ССМ оправдано во изминатиот период бара минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60 проценти од просечната плата, поради тоа што ниту просечната плата ниту, пак, две минимални плати не се доволни да ја покријат синдикалната минимална кошничка.

„Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците за живот и на цените, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на синдикалната минимална кошничка. Ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните.  Поради сѐ поевидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба плата за живот со која ние како работници, без да се грижиме за нашата егзистенција, ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошничка со само една плата“, велат од ССМ.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, а кои се однесуваат за мај, просечната нето-плата во државата е 28.721 денар.

Народна банка: Светските цени се неизвесни

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ август, во просек годишниот раст на цените изнесува 2,7 отсто, соопшти Народната банка

„Во овој период, позначителен раст се забележува кај цените на маслото за јадење и цените на нафтените деривати, предизвикан од движењата на светските берзи, а дополнително влијание имаа и зголемувањата од административна и регулаторна природа, како и повисоките цени во рестораните и во хотелите, што делумно е поврзано и со мерките за спречување на ширењето на ковид-19. Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата, при што и натаму е нагласена неизвесноста во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период“, информира централната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот