Со дигитализацијата на судството постапките ќе бидат побрзи и поевтини, а одложувањата намалени

Фото: Профимедиа

 Со целосно дигитализирање на повеќе од 100 судници низ 34 судови во земјата, како и судниците во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители и затворот „Идризово”, Владата најавува квантен технолошки скок што ќе се направи за релативно кратко време во рамки на планираните активности за дигитализација на судството. Владата,  воедно  презема обврска да обезбеди средства за одржување на опремата која ќе биде инсталирана во судовите, но и јакнење на човечките ресурси потребни за работа.

 

Премиерот Зоран Заев на денешната  прес-конференција посочи дека со дигитализацијата на судството ќе се постигне поголема ефикасност и транспарентност на правосудните органи, олеснет пристап до правосудните постапки за сите и намалени трошоци.

– Планот за дигитализација содржи активности во повеќе фази. Ќе бидат опремени повеќе од 100 судници низ 34 судови во земјата, како и судниците во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители и затворот „Идризово”, нагласи Заев.

Дигитализација во правосудството, посочи Заев, дополнително ќе помогне во унапредување на независноста на судството и непристрасноста, со сведување на минимум на човечкиот процес.

Како што истакна министерот за правда Бојан Маричиќ токму ковид пандемијата била  дополнителен катализатор што на површина ја исфрлила потребата од  дигитализацијата  со која, како што додаде, ќе се заштити здравјето на граѓаните, а постапките ќе течат непречено.

-Дигитализацијата меѓу другото ќе значи и воведување на онлајн судења, а тоа навистина многу ќе ги забрза постапките, кои ќе бидат и поевтини, а можностите за одложување ќе бидат значително намалени, рече Маричиќ.

Со дигитализацијата и промените на одредбите на Законот за прекршоци, како што појасни министерот за правда, ако еден жител на Скопје направи сообраќаен прекршок во Охрид и поради тоа ќе треба да оди на суд за прекршоци, нема потреба веќе да патува до Охрид. Се ќе биде завршено брзо и едноставно со помош на информатичките средства.

Маричиќ нагласи дека она што ќе следи во годините пред нас се потврдува со она што од страна на Европската комисија беше најавено на почетокот од март 2021 година,  а тоа е означување на стартот на Декадата на дигитализација на Унијата, визија и цели што треба да се постигнат за дигитална транзиција на ЕУ до 2030 година.

-Контурите на дигитализацијата на правосудството кај нас веќе ги имаме. Тие континуирано се развиваа во последните години главно преку воведување на систем за управување со предметите за судовите, систем за сметководство и буџетирање, опрема за некои од судовите со хардвер и софтвер за аудио снимање, систем за аудио-видео снимање, истакна министерот за правда.

Сепак, како што посочи Маричиќ, модернизацијата е неопходна од причина што хардверската опрема е застарена и неисправна, има недостаток на работни станици, а истите не ги поддржуваат софтверските решенија што се користат во судовите, што предизвикува неефикасно функционирање на истите.  – Состојбата на серверите во судовите е со слаб капацитет, односно нема сервери за складирање на податоци, ниту за базата на податоци, а дополнително имаме и ново законодавство кое поставува нови очекувања од постоечкиот електронски систем, додаде тој.

Според министерот за правда, со развојот и надградбата на информатичката технологија во правосудството, едно од главните работи коишто треба да ги вклучи новата архитектура е токму интероперабилноста.  Во контекст на тоа додаде дека е предвидена  надградба на постоечкиот АКМИС систем, кој ќе биде компатибилен со новата технологија и ќе одговори на барањата на новото законодавство.

Претседателот на Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев на прес-конференцијата рече дека Судскиот буџетски совет за 2021 година обезбеди 90 милиони денари, а за 2022 дополнително се зголемува овој износ, со кој ќе се овозможи целосно рехабилитирање на системска инфраструктура, со што ке се зајакнат системите за складирање на податоци во сите судови поради нивниот слаб капацитет.

-Со спроведувањето на дигитализацијата во согласност со европските и меѓународните стандарди се олеснува работата, се зголемува пристапот до правдата, економичноста и ефикасноста, навременоста и лесното користење на правосудните услуги за сите корисници. Се подобрува квалитетот на податоците, заштитата и безбедноста на системот, како и соработката со другите правосудни системи, државни органи и институции со институциите на Европската Унија, нејзините земји членки и меѓународните организации, рече Нанев.

Тој, исто така нагласи дека според анализите, со дигитализацијата за 60 проценти се зголемува ажурноста на судењата.

Со спроведувањето на дигитализацијата, Нанев истакна  дека ќе се заштедат вкупно 15 милиони евра годишно, и тоа 40 милиони денари на поштенски услуги, 9.5 милиони на хартија и шест милиони на тонери.

Процесот на дигитализација на македонските судови директно, финансиски, технички и стручно ќе го помогаат  ОБСЕ, Соединетите Американски Држави, Европската комисија и норвешката Влада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот