Со брани и со балони да се запре истекувањето на езерските води

Преспанско езеро / 2020 / Фото: Слободен печат

Навртување води од Пелистер е една од идеите за кои домашните експерти дебатираат во последниве години, но оваа метода, со која се спасуваше Дојранското Езеро пред дваесетина години, е тешко применлива за Преспанското Езеро.

Свртувањето на пелистерските води за полнење на Преспанското Езеро, изградба на брана што би го сопрела неговото истекување во Корчанското Поле, или затворање на подземните пукнатини низ кои истекува водата со специјални балони, се неколкуте идеи за кои се размислува како можности да се спаси езерото од натамошно опаѓање на водостојот.

Навртување на води од водотеците на планината Пелистер е една од идеите за кои домашните експерти дебатираат последниве години, но оваа метода, со која се спасуваше Дојранското Езеро пред дваесетина години, е тешко применлива за Преспанското Езеро, на кое годишно му недостигаат 53 милиони кубни метри вода.

– Езерата се различни, Преспанското е дел од сложен систем бидејќи неговите води се прелеваат во Охридското, а се зафаќаат и со одредени хидромелиоративни зафати во соседните земји, Албанија и Грција – велат хидролозите.

Во меѓувреме домашните експерти изработија акциски план за спас на Преспанското Езеро, во кој како приоритет е наведено воспоставувањето мониторинг и меѓусебната размена на информации од витално значење за хидролошката состојба на езерото, евиденција на подземните води и регистар на бунарите. Планот предвидува во рок од три години да се изведат детални истраги за понирањето на водата низ карстниот масив Галичица со помош на  нуркачки и спелеолози.

– Сметам дека е приоритетно да се утврди каде истекува езерото, а дури потоа да се изнајдат најдобри решенија за надоместување на водата – вели професор Дејан Трајковски од  Техничкиот факултет во Битола.

Тој смета дека е сосем веројатно дека, освен од понорот Казан, кој се наоѓа во соседна Албанија, некогаш најдлабокото место во езерото, кое денес се наоѓа на суво, водите на Преспа истекуваат преку неколку подземни пукнатини под Галичица, а можно е со земјотресите од пред неколку години да се отворени и нови.

– Можеби треба да се размисли и за изградба на брана кај Казан, која би го контролирала истекувањето на водите на езерото во Корчанското Поле. Пред околу 15 години имаше дојдено експерти од НАТО, кои спомнуваа некоја иновативна техника на пополнување на тие пукнатини со гумени мембрани, односно балони, кои откако ќе се надуваат, ќе го блокираат истекот. Со ваква или слична метода би можело да се контролира количеството на истечена вода и за одреден период тоа би придонесло за зачувување на водите на Преспа – вели професор Трајковски.

Да се направат испитувања на дотокот и на одливот на Преспанското Езеро, да се лоцираат сите места каде тоа истекува е приоритет, смета и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

– Овие истражувања треба да го дадат одговорот што треба трите држави да преземат за спас на Преспанското Езеро. Дали ќе биде некоја метода слична како во Дојран или нешто друго, останува да кажат експертите – вели Гошаревски.

Тој сепак нагласува дека најголем фактор што влијае врз водостојот на езерото се климатските промени односно човекот и неговото влијание, како и искористувањето на водите на езерото за наводнување. Запирањето на наводнувањето, сепак, не може многу да смени за спас на Преспанското Езеро, смета ресенскиот градоначалник. Тој гледа надеж во скорешниот состанок на трилатералната група на Преспа Парк, што ќе се одвива на министерско ниво, на кој треба да се постигне некаков исчекор за начинот на управување со езерото. Министрите од трите држави, Македонија, Грција и Албанија, на 28 и 29 јуни за првпат треба да одржат средба на Комитетот на Преспа Парк за да изнајдат решенија за опстанок на Преспанското Езеро.

 

 

Рамка

 

Н: Багерот брод нема да ги „заора“ преспанските плажи?

 

Ги вративме парите на Владата, кои беа наменети за чистење на езерскиот брег, и решивме туристичката сезона на Преспанското Езеро да ја спасуваме сами, вели ресенскиот градоначалник Гошаревски за „Слободен печат.“

– Претходно планиравме со набавка на брод багер, метода што беше поскапа, но еколошки поприфатлива, да ги спасуваме плажите на кои повлечената вода остави хаос, а собраниот мил, откако ќе се издвоеше езерскиот песок, требаше да се искористи како еколошко ѓубре за овоштарниците. Но сфативме дека додека заврши целата постапка, ќе помине туристичка сезона – вели ресенскиот градоначалник.

Иако Владата го најави, Министерството за екологија не даде зелено светло за овој зафат, поради страв дека со него ќе се загрози живиот свет во Преспанското Езеро. Од ова министерство инсистираат претходно да бидат изработени елаборати за влијанието врз животната средина, бидејќи станува збор за заштитено подрачје.

Со класична механизација ќе се чистат две депонии кај Долно Дупени, а потоа механизацијата ќе се префрли во Претор, Сливница, и во резерватот Езерани. Ќе се чистат диви депонии кај Лавци, потоа плажите кај Стење, Коњско и островот Голем Град, плажата Черти камен кај Отешево и кај Подмочани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот