Со бавен „Рекет“ нема брз датум – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

Со бавен „Рекет“ нема брз датум

Единствениот спас за Македонија во моментов е брза разврска на случајот „Рекет“, бидејќи само така може да одбегнеме ново одложување за добивање датум за преговори со Европската Унија, објаснуваат експертите.

Аферата „Рекет“ може сериозно да ја повлече земјава во нова политичка криза, но тоа ќе се случи само доколку се утврди вмешаност на политичари од високата власт во криминалот. Ова го тврдат политичките аналитичари и објаснуваат дека европската иднина на Македонија засега не е загрозена, меѓутоа, додаваат тие, аферата „Рекет“ може многу лесно да се претвори во повод за недобивање датум за преговори со ЕУ во октомври годинава.

Од друга страна, експертите предупредуваат дека на домашна политичка сцена земјава ја очекува екстремно бурен период, а според најавите што постојано ги испраќа опозициската ВМРО-ДПМНЕ, нема да биде чудно ако за скоро време власта се соочи со масовни протести, демонстрации и блокади на улиците. Опозицијата сè погласно и сè појасно бара предвремени парламентарни избори, дијалогот меѓу двете најголеми партии веќе со месеци не се помрднал од мртва точка, а никаков напредок не се забележува ниту во постигнувањето консензус за законот за Јавно обвинителство. Сево ова се случува на нешто помалку од два месеца до октомври, кога треба да ни биде соопштена одлуката дали Македонија ќе го добие датумот.

Нужна е брза разврска

Експертите додаваат дека единствениот спас во моментов е брза разврска на случајот „Рекет“, бидејќи само така може да се спаси земјава од ново одложување за добивање датум.

Политикологот Ненад Марковиќ потврдува дека „Рекет“ може да предизвика политичка криза доколку се утврди вмешаност на политичари, но и доколку се одолговлекува истрагата со што се отвора простор за шпекулации.

– Сè додека не се докаже некаква сериозна и реална поврзаност на политички личности со аферата „Рекет“, јас сметам дека европската иднина на Македонија нема да биде загрозена. Секако, уште еден голем фактор е времетраењето на неразрешувањето на случајот. Имено, еден ваков тип на случај може да предизвика феномен во јавното мислење кој се одликува со тоа  што дупките во знаењето луѓето ќе си ги пополнуваат со чаршиски муабети. Токму затоа, многу е важно брзо и резолутно разрешување на самата афера, со цел да не се остави простор за било какви шпекулации – објаснува Марковиќ.

Тој вели дека случајот „Рекет“ влијае и врз преговорите околу Законот за јавно обвинителство и статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Како што додава, токму од тој закон зависи одлуката на Брисел во октомври.

– Не би било добро ако законот не биде изгласан според планираното, бидејќи така оставаме простор за нешто да ни се замери доколку во октомври некој реши да не ни додели датум. Ќе биде многу лесно токму тоа да биде изговор – вели Марковиќ.

Кога станува збор за предвремените избори, Марковиќ е дециден дека тие ќе се одржат најрано напролет идната година.

– Годинава нема да има предвремени избори од проста причина што треба да го почекаме октомври за добивање датум за преговори со ЕУ, а декември за влегување во НАТО. Ако добиеме датум во октомври и ако влеземе во НАТО во декември, тогаш владејачката СДСМ ќе сака да капитализира од таквата победа и ќе закаже предвремени избори во март следната година – објаснува Марковиќ.

Катица Јанева утре на распит

На 27 август на дневен ред на собраниската седница е ставен владиниот Предлог-закон за јавно обвинителство, според кој СЈО треба да се спои со постоечкото обвинителство за гонење на организиран криминал, а сите обвинители да продолжат да работат во него. ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа на чело на оваа институција да биде поставена обвинителката Вилма Рускоска и инсистира да биде прифатен нивниот предлог-закон кој бил подготвен согласно стандардите на Советот на Европа.

За усвојување на законот неопходно е да се обезбеди поддршка од 80 пратеници, која во моментов е речиси недостижна.

За утре е закажан распитот на специјалната обвинителка во оставка Катица Јанева во Обвинителеството за организиран криминал, на кој се очекува да се дадат одговори на многу клучни прашања за случајот „Рекет“ и од кој ќе зависи натамошниот тек на истрагата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close