Со Ал каеда потешко ќе се војува „во папучи“ отколку „во чизми“

Авганистан војници/ Фото: ЕПА

Силите на НАТО, на САД и на Обединетото Кралство наскоро ќе ги напуштат своите бази во Авганистан во незгодно време кога талибанското движење го засилува своето влијание во земјата, а остатоците од разбиените терористички групи Ал каеда и Исламска држава ги обновуваат акциите.

Свесни дека Авганистан уште долго време ќе остане згодно засолниште за терористички групи со глобално распространети ќелии, како што беше за Ал каеда на Осама бин Ладен пред дваесет години кога беа извршени нападите врз САД на 11 септември, западните земји се решени на алтернативни начини да ја контролираат ситуацијата, без „чизми на терен“.

Токму 11 септември, 20 години по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон, е посочен од претседателот Џо Бајден за краен рок за целосно повлекување на американските трупи од Авганистан, што на разузнавачите и на воените стратези им остава ограничено време да ја прилагодат стратегијата. Особено се збунети сојузниците на САД, кои не очекуваа толку брзо повлекување во период кога ситуацијата во Авганистан е далеку од решена и мирна.

– Ова не беше исходот на кој се надевавме – изјави шефот на одбраната на Обединетото Кралство, генералот сер Ник Картер. Тој оценува дека повлекувањето ги загрозува сите антитерористички напори и постигнувања на западните сили во Авганистан во изминатите 20 години.

Аналитичарот Џон Рејн од Меѓународниот институт за стратегиски студии смета дека нестабилната состојба мошне брзо може да прерасне во проблем со кој авганистанските одбранбени сили нема да можат да го решат дури ни со поддршка од своите западни сојузници.

Но, Бајден е решен да го спроведе својот план за повлекување, кој е непроменет уште од времето кога му беше потпретседател на Барак Обама. Кога Бајден во 2009 и во 2011 година како потпретседател на САД ги посети американските трупи во Авганистан, Бајден оцени дека нивниот ангажман е „губење време“ и се залагаше да се промени пристапот – антитерористичките напори да се концентрираат на ударни акции со авиони и со специјални тимови, каква што беше, на пример, операцијата за ликвидирање на Осама бин Ладен во Пакистан.

Пентагон тогаш категорично го отфрли таквиот пристап. Поранешниот секретар за одбрана Роберт Гејтс во своите мемоари запиша за Бајден дека „имал погрешен став за секое битно прашање од надворешната политика и национална безбедност во изминатите четири децении“.

Дронови со проектили управувани од фотелја

Последната, сепак, ќе биде на Бајден, кој ја доби довербата од гласачите да ја преземе командата на воените сили барем до 2024 година, а воените стратези имаат само четири месеци да ги дефинираат сите алтернативни начини за да не им се дозволи на терористите повторно да го користат Авганистан како база за свои напади врз Америка.

Најголем и најпроверен капацитет за напади имаат беспилотните летала, кои се користат и за извидување и се почесто за ликвидирање поединци и групи. Токму Барак Обама како претседател и Бајден како негов потпретседател ги воведе Далечински управуваните летала на бојното поле во Авганистан како поддршка на копнените трупи во базите. Дроновите беа често пати користени во тешко достапните региони на границата помеѓу Авганистан и Пакистан, кои се уште се засолниште за остатоците од раководството на Ал каеда. Разузнавачки извори укажуваат дека успешните напади со дронови станале страв и трепет за терористичките команданти. Соочени со закана дека без предупредување може да бидат погодени од проектил „хелфаер“ од ведро небо, тие биле принудени постојано да ја менуваат својата локација, да не преспиваат повеќе од една ноќ на едно место, што ја намалила нивната способност да комуницираат меѓу себе.

Дроновите се „згодно“ оружје зашто не се управувани од војници во чизми и полна борбена опрема на терен близу до непријателските сили, туку од оператори во удобни фотелји и „во папучи“ на другата страна на светот. Во исто време се и ризично оружје, зашто проектилите се вистински и нивното управување не е обична видеоигра во која може да си дозволите да изгубите живот и секоја непрецизност значи одземени животи на невини луѓе.

Модерните конзоли за управување на овие проектили се софистицирани и прецизни, со многу податоци од сателити и други уреди, но никогаш не се знае дали информациите за целта се точни и дали покрај неа има и цивили, жени или деца. Во низа случаи во Ирак и во Сирија имало несакани жртви од напади со дронови, поради што операцијата може да има спротивен ефект на посакуваниот. Активисти за човекови права во Јемен реагираат дека племенски совети често пати погрешно се толкуваат како групирање на вооружени милитанти.

На талибанците не може да им се верува

За да се спречат непосакувани жртви од дронови, но и да се овозможи други типови на антитерористички операции, суштински е да се надградат разузнавачките мрежи. По 2001 година американската ЦИА и британската МИ6 развија блиски односи со авганистанската агенција НДС, која им дава информации за полесно идентификување закани и опасни лица.

Но, многу скоро во Авганистан ќе биде постигнат мировен договор, што значи дека и елементи од талибанците ќе учествуваат во власта, па и во разузнавачката служба. При таква ситуација, малку е веројатно дека американските и британските офицери ќе сакаат да споделуваат информации со Кабул ниту, пак, ќе можат да имаат целосна доверба во дојавите. На мировните преговори во Доха талибанците тврдат дека целосно ги прекинале сите свои врски со Ал каеда, но Гевин Мекникол од британската аналитичка група Идн интелиџенс смета дека би било наивно да им се верува.

– Американската администрација се чини им верува на талибанците дека ги прекинале своите врски со Ал каеда и со Исламска држава и дека нема да им дозволи да закрепнат. Не треба никогаш да им се верува на збор – вели Мекникол.

Без целосна доверба во идните авганистански власти во кои би биле вклучени и талибанците, западните воени сили мора да пронајдат и други бази во околните држави за главна поддршка на евентуалните антитерористички операции. Пакистан би бил најзгодната територија, но и во тамошните државни разузнавачки служби има лица поврзани со исламистички групи. Поради тоа, кога ЦИА во 2011 година ја спроведе операцијата за ликвидирање на Осама бин Ладен во Аботабад, пакистанските власти воопшто не беа информирани, а и хеликоптерите со „фоките“ немаа дозвола за прелет на пакистански воздушен простор. ЦИА тогаш стравувала дека барањето дозвола за операција сигурно би „протекла“ до Бин Ладен и тој немало да биде во своето засолниште.

Како политички најзгодна локација се посочува Оман, прозападен султанат на југоисточниот агол од Арабискиот Полуостров, каде што Британците веќе имаат две воени бази. Во Бахреин голема база има Петтата флота на американската воена морнарица, а база имаат и Британците. Овие места, сепак, се повеќе од 1.000 километри оддалечени од Авганистан и притоа мора да се прелета и Пакистан. Друга можност се континенталните соседи на Авганистан, како Узбекистан, каде што американски сили во 2001 година се распоредија во стара советска база, но се повлекоа во 2005 година по влошувањето на односите помеѓу САД и Ташкент.

Аналитичари укажуваат дека сите овие опции се полоши во споредба со задржување трупи во Авганистан, ако целта е да се спречи јакнење на терористичките групи. Главниот товар наскоро ќе се префрли на авганистанските сили за безбедност, кои не се доволно обучени и опремени, а не се знае ни каква ќе биде улогата на талибанците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот