Со 23 милиони евра ќе се опремува Тетовскиот театар кој се гради осум години, вкупно ќе чини скоро колку обновениот од „Скопје 2014“

Зградата на новиот театар во Тетово / 14 октомври 2021 / фото: Тетово инфо

На три дена пред локалните избори, претставници на Министерството за култура и на локалните власти во Тетово потпишаа договор со кој се доделуваат 23 милиони евра во следните четири години за внатрешно опремување на објектот на новиот тетовски театар и библиотеката во градот, кој со години стои полуизграден, пишува Тетовоинфо.

Според најавите на денешното потпишување на договорот за средствата, на кој присуствуваше и градоначалничката и кандидатка за нов мандат, Теута Арифи, објектот ќе биде опремен со „најсовремени аудиовизуелни уреди какви досега нема во државата“, а исто така ќе се опреми ентериерот и инфраструктурата за библиотеката.

„Проектот за изградба на театар и библиотека во Тетово е еден од најобемните проекти како во однос на реализацијата, така и во однос на изградбата. Сега успеавме да ги финализираме постапките за почеток на втората фаза од изградбата односно за ентериерот. Објавивме јавна набавка со отворена постапка, значи меѓународен повик, при што е избран понудувачот, а тоа е групата на понудувачи „НБ компани“ од Тетово и „Пелагонија“ од Гостивар, со кои денес склучуваме договор за почеток на работите. Средствата за реализација на изградбата се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија преку програмата од Министерството за култура. Втората фаза ќе чини 1 милијарда и 420 милиони денари или околу 23 милиони евра. Парите ќе се пуштаат по фази на изградбата сé до декември на 2025 година, за кога е предвидено објектот целосно да биде завршен со градба и внатрешно да биде опремен“, вели директорот на тетовскиот Дом на културата „Иљо Антески-Смок“, Арлинд Хусеини.

„Денеска е посебен ден за Тетово бидејќи влегуваме во втората фаза од изградбата на овој важен проект. Капацитетот на културата што постои во градот во градот е поголем од постоечката инфрастуктура во културата. Сакам да им честитам на сите уметници од Тетово и посакувам да ги користат овие можности и успешно да не претставуваат не само тука во градот туку и на меѓународна конкуренција“, рече градоначалничката Арифи.

Зградата на новиот театар почна да се гради во 2014 година, на само неколку метри од веќе постоечкиот Дом на културата, кој има голема сала со 600 седишта. Досега беа потрошени 13,5 милиони евра, а објектот вкупно ќе чини 36,5 милиони, што ќе го направи еден од најскапите објекти од културата во државата, заедно со возобновениот скопски театар од проектот „Скопје 2014“, чија цена надмина 40 милиони евра. Зградата треба да биде завршена во 2025 година, кога ќе поминат 11 години откако започна да се гради.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот