СНИМКИ ОД ДРОН: Како изгледаше Парадата на гордоста во Скопје

Парада на гордоста во Скопје/Фото: Слободен печат

Неколку стотици млади припадници на ЛГБТ+ заедницата учествуваат денеска на третата Парада на гордоста во централниот дел на Скопје. На парадата во знак на поддршка за нив, под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“ чекореа и министри, пратеници, амбасадори, граѓански активисти, родители, роднини и пријатели.

Пред почетокот на протестниот марш од импровизираната бина во камиончето паркирано пред Триумфалната капија се обрати младата активистка Ева Цветковска, претседателка на УСС УКИМ, која говореше јавно и за чувствата и за стравовите на припадниците на ЛГБТ+ со кои се соочуваат во Македонија.

Многумина ме прашаа што ќе речат комшиите ако дојдам на парадата. Кој ги врти комшиите, јас сум тука за децата на комшиите, за ќерките на комшиите кои бацуваат девојчиња, за синовите на комшиите кои сакаат да облекуваат фустани и да си ги лакираат ноктите и за сите млади кои се уште трагаат по самите себе. И сите вие тука дури и без збор да изустите со самото ваше присуство денес сте храбрите гласноговорници на револуцијата и на борбата за правда, еднаквост и човекови права. Тука сме за сите наши блиски и далечни, за сите наши познати и непознати, кои биле избркани од дома затоа што се геј и кои биле избркани од работа затоа што се транс и кои биле физички и психички малтертирани затоа што не влегуваат во тесните рамки на она што некој го нарекува нормално, но за среќа денеска сме ние тука за да го реобликуваме, она што некој го нарекува нормално,  нагласи Ева.

Во својот говор таа се осврна и на образованието каде децата кои не се чувствуваат стрејт се жртви на насилство, трпат притисоци и дури помислуваат на самоубиство само поради својата сексуална ориентација или родов идентитет.

Припадниците на ЛГБТ+ заедницата добија поддршка од пратеничката Моника Зајкова која се обрати во името на своите колеги кои преку законодавниот дом се обидуваат да стават законска рамка за спречување на дискриминација и стигматизација на ЛГБТ+ заедницата.

Ние како луѓе постоиме сите и јавниот простор ни припаѓа на сите. Не гледам каде нашите права што ги имаме сите се помалку од правата кои решиле да останат дома и да се борат за незнам какви вредности. Сите плаќаме даноци, имаме еднакви обврски и редно е да ги уживаме еднакво сите права во ова општество. Навистина е доста од изговори дека некој ќе злоупотреби некакво право. Ќе бидам многу среќна кога ќе создадеме законодавство кое ќе пропагира еднаквост. Направивме чекори, донесовме закон за спречување на дискриминација, а Собранието треба да го смени и законот за матична евиденција со кој ќе ги регулираме назнаките на трансродовите лица но и да одиме чекор понатаму и да им даде права на оние кои живат во истополови партнерства зошто изговори нема. И човековите права се дел од системот кој треба да се средува и понатаму да се пофалиме со уште поголем напредок, рече Зајкова.

Ким, членка на Европскиот парламент исто така ги поздрави присутните и нагласи дека е ова момент кој треба да се прослави. Таа побара солидарност со Осло каде беше забранета Парадата на гордоста.

Ние сме тука, ние сме гласни и правата на квир заедницата се важни. Ќе направиме се не само вашата заедница да биде дел од ЕУ, туку и вашата земја да стане членка на ЕУ и ќе се бориме најсилно што можеме за тоа да се случи, нагласи европарламентарката Ким.

Присутните добија поддршка и од белградскиот Прајд кој според претставникот Филип ќе биде организатор и домаќин на најголемата европска Парада на гордоста која ќе се одржи во Белград.

Парадата на Гордоста продолжува вечерва со забава во градскиот парк, на стадионот на АРМ, а е во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Протестниот марш низ скопските улици помина под големо полициско обезбедување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот