Снимањето на „Најдолгиот пат“: Еден приказ на едно време

Фото: Мартин Стрезоски/Приватна архива

Ова е многу повеќе од документирана работа на една филмска екипа. Ова е многу повеќе од архивска вредност. Ова е симбол на едно време, ова е сиже на една епоха, ова се 50 години во 30 минути. Ова е чиста апстракција за денешно поимање на работите, ова е испукан куршум кој никогаш нема да се врати назад во чаурата. Ова е само капка вода, која држејќи ја цврсто во раката испарила од сопствената топлина на дланката.

Сиот тој професионализам, сета таа љубов, сета верба, секако сета надеж, но така е. И да, звучи како песна, звучи како евангелие, директно од сржта на безбожништвото. Сета скромност, која е упадлива во око, начинот на разговарање и со соговорникот и со публиката, одговорноста за искажаниот збор, со сета свест дека некој ќе го чуе. Таа чудно проткаена колегијалност, таа ведрина во погледот кон другиот, таа милост во дискретното себеспуштање и туѓото издигање.

Тоа толку присутно себепреиспитување. Тоа денес е симплифицирано и идиотизирано во еден термин – несигурност. Тоа е трагање по подобро, тоа е испитување на веќе направеното, тоа е визија за она што следи, но со задолжително прашање, каде ќе води, тоа е одговорност кон себе, но пред се кон другиот, тоа е љубов кон другиот, но пред сè кон себе, затоа што само ти остануваш во својата кожа и со својот товар до самиот крај.

Преиспитување што денес е толку неактуелно, до мера на непосакувано. До мера што веќе се искоренува по разни обуки. Едноставно е, не функционира. Кажете на интервју за работа дека се преиспитувате и очекувајте брз и краток одговор. Тоа не е лидерство, тоа не е за овие нови времиња со нови потреби. Тоа не е соодветно за сега и за тука. Соодветно е да има 380 лидери во компанија со 390 вработени. Самит на G20 x 20 со адреса на ул. Даскал Камче бр. 550 Скопје.

Достоинство. Нешто што го имаш, но не е за потенцирање. Нешто што се препознава во една најобична прошетка, во едно пазарење во маркет, нешто што се чувствува во обично ракување. Денес, тоа е маркетинг. Нов термин за нови времиња. Нови правила за старата игра. И сето ова би било еден носталгичен осврт на еден средовечен човек, некој логичен осврт, некоја тивка жал за младоста.

Но, ова е поглед на човек со неполни 35, човек кој од Југославија фатил само војна за крај, кој од комунизам има само фотографии, а од социјализам – стари банкноти. Човек што нема ни една објективна причина да размислува и да се восхитува на тоа време. Жал ми е што не разговараме веќе така, нормално. Да, жал ми е што не се дружиме така, нормално. Да, жал ми е што меѓу таа и оваа генерација како да се испречени 10 века. И да жал ми е што ние сме од предната страна на тие 10 века.

Секоја борба со новиот „бран“ е само тресење на едно масно ткиво обидувајќи се да се врати во форма. Секој обид за нешто нормално е поблизок до „Бардовци“, отколку до разумот на другиот. Секој напор за да се вратат работите во колосек е дочекан со бурни овации… и толку. И после секој обид, повторно во својата „мирна вода“, па макар била и кал, макар личеле и на свињи, макар трпеле секојдневно понижувања и разочарувања. Ах, таа пуста психологија каде што феноменот на „мирна вода“ е посилен од каква било искра разум или парче нормалност или грутка нежност или атом човечност.

И затоа и понатаму пливаме во мирната вода додека не се случи бран отпуштања или додека не нѐ однесе сообраќајно цунами или додека не нè исцеди некој ко крпа и не остане флека од вода, од мирната вода. Секое завршување на оваа мисла ме тера да се чувствувам како недоискажан. Ќе дојде и тој ден кога ќе има барикади на семафорите затоа што животите на луѓето се поважни од нивните ебани „леле брзам у гужва сум ќе те барам“ и ќе дојде време кога возрасен човек веќе никогаш нема да стои во превоз затоа што тоа не е нормално и ќе дојде време кога музиката повторно ќе свири за сите, а не само за оние кои ја плаќаат, зашто ќе дојде некој и ќе ги плати да молчат. И ќе дојде време кога професорите ќе се авторитет посилен од родителот, зашто писменоста е второто мајчино млеко. И најпосле ќе дојде време каде што новите „бранови“ нема да нè спречуваат да сме старите добри луѓе.

Е можеби тогаш ќе се чувствувам доискажан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот