Снежно изненадување: Со скиите може да заринкаш во некоја грмушка, а со кола во ендек полн со снег
По неколкугодишната суша, во изминатиот викенд дел од македонските зимски центри осамнаа со снежна покривка од над еден метар, но службите повторно беа изненадени. Експертите велат дека џабе ги каниме гостите да дојдат ако тие не можат да си заминат безбедно и навреме
Без соодветна логистика и редовно одржување на патиштата, на зимскиот туризам во земјава не му се пишува ништо добро. По неколкугодишната суша, во изминатиот викенд дел од македонските зимски центри осамнаа со снежна покривка од над еден метар, но службите повторно беа изненадени. Ова резултираше со заглавени возила, паднати дрва, неисчистени патишта, а дел од граѓаните што во петокот се качија на Ниже Поле, кај Битола, во неделата не можеа да си дојдат дома. Она што е најпотребно за вистински зимски туризам е доволно снег, а не помалку важни се и добрите и одржувани патишта за брзо да се стигне, но и безбедно да се замине од зимските туристички центри. Во моментов, за жал, македонскиот зимски туризам е заглавен во 80-тите години на минатиот век, вели за „Слободен печат“, туристичкиот експерт Љупчо Јаневски.
– Македонските зимски центри се во ретро фаза, бидејќи нема сериозни инвестиции што ќе обезбедат пристојни ски центри, кои би нè приближиле до регионалните центри. Немаме хотели со 5 ѕвездички или ги имаме многу малку, а природните убавини би можеле да ги користиме не само во зима, туку и во текот на целата година. Зимскиот туризам се одвива и надвор од хотелите, а минатиот викенд покажа дека џабе ги каниме гостите да дојдат ако тие не можат да си заминат безбедно и навреме. Обврската за одржување на магистралните патишта е на ЈП „Македонија пат“, а регионалните треба да ги одржуваат општините. И едните и другите сериозно потфрлија, а тоа пренесува лоша слика за подготвеноста на нашите зимски центри – вели Јаневски.
А, само пред две недели, по одржаниот координативен состанок со сите служби, Стојанче Ангелов, директор на ЦУК, се пофали дека „оваа година надлежните институции нема да бидат изненадени, бидејќи капацитетите на ЈП за државни патишта, како и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, се целосно подготвени“.
– Нашите капацитети за чистење снег воопшто не се за потценување и не се послаби во однос на регионот – истакна Ангелов.
Горан Исков, директор на ЕСМ Молика и на хотелот „Молика“ на Пелистер, за нашиот весник вели дека минатиот викенд паднал снег како што немало во изминатите 20 години. Според Исков, зимските служби на ЈП „Македонија пат“ излегле на терен, а се вклучиле и камионите на Нискоградба, но просто било невозможно да се исчистат патиштата. Дел од гостите што биле на семинар во хотелот, тргнале подоцна во неделата, а тогаш веќе дал од зимските служби биле префрлени на превоите Плетвар и Буково, каде што имало заглавени камиони. Исков вели дека сега патиштата се проодни и дека зимската сезона ќе почне навреме на радост на скијачите.
– Кога видовме каква е ситуацијата со заглавените граѓани, ангажиравме приватна компанија и таа ни помогне во расчистувањето на снегот. Иако не е наша обврска, ние си го одржуваме паркингот пред хотелот и сега веќе на терен имаме 24-часовна поддршка од две приватни компании. Скијачката сезона на Пелистер почнува следната сабота со промотивно скијање – објаснува Исков за „Слободен печат“.
Тој сепак е малку загрижен дали дотогаш екипите на ЕВН ќе ги поправат електричните кабли, кои се скинале од мокриот снег минатиот викенд за да може да се пушти горната жичарница.
И Огнен Циговски од „Ски Македонија“ се надева дека по проблемите што ги направи првиот снег, нема да има вакви изненадувања во текот на скијачката сезона, која патем речено во Маврово почнува наредниот викенд и тоа со бесплатно скијање.
– Секогаш е така со првиот снег, сега патиштата се проодни и екипите се на терен. Верувам дека скијачката сезона ќе помине во најдобар ред – додава Циговски за нашиот весник.
Општина Маврово-Ростуше нема договор со фирма за зимско одржување
Минатиот викенд во ЦУК добиле пријава од неколку лица, кои заглавија кај Леуново во Маврово каде што снежната покривка била околу 80 см. Таму расчистувањето на патот дополнително било отежнато и поради паднати дрвја. Со возило кај хотелот „Радика“ заглави и екипата на Противпожарната единица од Гостивар и уште дваесетина возила, кои барале од „Македонија пат“ да интервенира со механизација. „Слободен печат“ побара одговор од Општина Маврово-Ростуше, кој е одговорен за чистење на патиштата и зошто пак снегот ги изненади надлежните, а граѓаните останаа заглавени во снегот во овој зимски центар?
– Патот што води од брана Маврово, преку селата Маврово, Никифорово и Леуново околу езерото е регионален пат и е под надлежност на ЈП „Македонија пат“. Под надлежност на Општината се локалните патишта што водат до другите населени места. Општината со сопствена механизација ги одржува локалните патишта до избор на фирма за зимско одржување. Во изминатите деновиве беа исчистени локалните патишта во селата Врбен, Церово, како и улица во Леуново каде што имаше болна жена. Вчера се чистеа патиштата за Дув, Сретково и другите села што водат од регионалниот пат до влезовите на селата – одговорија од Кабинетот на градоначалникот Медат Куртовски.
„Македонија пат“ опслужува 37 зимски пунктови
Директорот на „Македонија пат“ Костадин Ацески уверува дека сета расположива механизација на компанијата и на фирмите со кои е склучен договор е на располагање и дека нема да има застој во сообраќајот.
Компанијата располага со 170 возила, од кои 105 се трети лица односно надворешни фирми што се ангажирани со рамковна спогодба. „Македонија пат“ опслужува 37 зимски пунктови, за 35 се обезбедени дополнителни машини за чистење на снег но за два пункта Плетвар и Пресека немало заинтересирани надворешни компании и тука се користат машините на државната компанија.
– Проблем во „Македонија пат“ е бројот на вработени и стручни лица што можат да излезат на терен бидејќи недостасуваат неколку стотини, кои во изминатиот период се пензионирале или си заминале од државната компанија – изјави Ацески за медиумите.