Снегот може да падне, Градот и општините тврдат дека се подготвени

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според локалните власти, претстојната зима нема да нѐ изненади, затоа што службите се подготвени да интервенираат со целата расположива механизација за да се одржи нормалното функционирање на градот.

Неизвесно е каква зима нѐ очекува и дали ќе донесе студови и обилни снежни врнежи или ќе биде блага и сува како минатата. Сепак, снег неизбежно ќе има и не треба да нѐ фати неподготвени како што ни се случувало некогаш порано.

Според тврдењата на Градот и дел од општините, претстојната зима нема да нѐ изненади, затоа што службите се подготвени да интервенираат со целата расположива механизација за да се одржи нормалното функционирање на градот.

Град Скопје за одржување на  улиците и плоштадите, кои се во негова надлежност, поточно за коловозни површини од над 2.600.000 квадратни метри располага со 4.000 тони индустриска сол, од кои околу 1.000 се останати од минатата година. Како што информираат од Градот, обезбедени се и 350 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини.

Главните активности за зимското одржување се во надлежност на ЈП „Улици и патишта“ кое ќе интервенира со целокупната механизација и кадар, а според двегодишниот договорот што Град Скопје лани го склучи со фирмата „Аполо“, ќе се ангажираат и нејзините 18 камиони опремени со навигациски уреди.

И општините се подготвуваат за претстојната зимска сезона. Дел од нив преку јавни огласи бараа фирми за одржување на улиците, а дел се потпреа на сопствените капацитети.

Во Општина Ѓорче Петров велат дека секоја година на располагање се ставаат сите расположливи ресурси од човечки кадар и механизација, но дека не поседуваат механизација за зимско одржување.

– За таа цел, секоја година се објавува повик за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта на територија на Општина Ѓорче Петров, при што се избира најповолниот понудувач. Во моментов општината сѐ уште има активен договор кој трае до 31 декември, а во тек е постапка за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта на територија на општината Ѓорче Петров при што ќе се избере изведувач за претстојната 2021 година. Техничката спецификација предвидува, изведувачот да има минимална резерва на 50 тони сол и минимална резерва на 50 метри кубни ризла. Колкава количина ќе се искористи  и плати зависи од временските услови – велат од Ѓорче Петров.

Оттаму објаснуваат дека нарачката на одредена количина на сол, ризла, емулзиска течност или колку механизација да се стави во погон, го врши одговорното лице во општината со телефонска единечна нарачка истиот ден. Согласно временските услови, во зависност од количината на снегот и мразот се нарачува каков вид на механизација и во колкав број се ангажираат мобилни екипи и количина на сол и ризла.

Општина Центар за годинава набавила 50 тони сол и во функција ќе бидат 7 возила. Општината располага со две специјални возила со плуг и соларка, една хорхете машина за чистење на тротоарите и специјални возила до шест, осум и 12 тони, како и специјално возило за тешко пристапни места до 3 тони.

Во Општина Карпош деновиве завршува тендерската постапка за набавка на најмалку 100 тони сол и дополнителна емулзиска течност за одржување на улиците во зимскиот период, за што во општинскиот Буџет се обезбедени 9 милиони денари.

– Општината располага со сопствено возило со монтажен плуг и „соларка“  за расчистување на евентуални снежни наноси и поледица низ коловозот. Дополнително, општина Карпош во тендерската документација има наведено услов за фирмите кои конкурираат, да располагаат со следнава механизација: две возила до четири тона, едно поголемо возило до шест тона, две возила кои ќе можат да дејствуваат на тежок пристапен терен, еден багер и два камиона со плугови за расчистување – објаснуваат од Карпош.      

Општина Аеродром во моментов располага со 150 тони сол за справување со снегот и мразот по улиците кои се во нејзина надлежност.

– Располагаме со свои две возила за чистење снег и фрлање сол. Но, доколку има потреба, ќе ангажираме и фирма со дополнителна механизација за расчистување на снегот – велат од Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот