Смртта на вмро

Како се вика алхемијата со која од ѓубрето се произведува чиста совест (Љ. Стојадиновиќ)!?
Пред Лондон се викаше ‘ржење на антивладината глутница што се спушташе од Галичникот на разочараноста во фрижидерите на стрвта и алчноста, катастрофизам и морална паника се викаше, помош во самоубиството на општеството и државата со ол инклузив пакетот од мотиви и средства завиткани во целофанот на лажно благородната критика, а по Лондон – тоа е молкот. Ѕверките заклучија дека ако доволно долго молчат можат да се ослободат од кикифрики форматот и повторно да станат личности. Зашто, како што рекол Гомбрович, личноста е палто што го навлекуваме на голотијата кога одиме на средба со друг. Ако тој другиот не е Мицко во премиерската фотелја, туку е Заев со круната од Лондон, кикифрики наметката се фрла во првиот контејнер или ендек и се навлекува фрикикики или трикикики наметката на молкот. Како време на шалтањето. Зашто и најголемите лудаци на крајот сфатија или наскоро ќе сфатат, дека и покрај нивните епски напори Северна Македонија оди напред, можеби и поуверливо отколку кога тие не би го правеле тоа што го правеа. Можеби нема да биде фер кон другите аспекти на големиот настан, но, јас, сепак, ќе кажам дека завчера во Лондон беше убиена Внатрешната македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство. Фала богу!

Би прогласил сто години радост

Да сум Маркес или некој политички фактор, веднаш би прогласил сто години радост! Со „Ејсидиси“ на Стекновец или со „Ролингстонси“ во Овче Поле. Јас би можел да одржам реферат. Дури и ако не мислат да ме платат. Макар што пофино би било да префрлат некое милионче. Балканска забава на оргазмичко ниво.

По формалното решение на бугарската влада на премиерот Кимон Георгиев за распуштање на вмро во навечерјето на Втората светска војна, значи, 85 години, разумот во Македонија чекаше историски контекст, кој на оваа парадна инсталација на смртоносниот кич, на пијанството и на злото, ќе ѝ го измести тлото под нозете и ќе ја остави да виси над историската бездна на тенкиот исцедок на македонската плунка.

Која конечно ќе се скине на 12 април и ќе ја пушти стоката да потоне во неврат, да тресне во небиднината и да си го скрши вратот. Потоа ќе сипеме гасена вар и денот ќе го одбележуваме со едноминутно мочање во дупката. Никогаш повеќе вмро. Не само дпмне. Вмро, во сите деноминации. Зашто, пред лондонскиот контекст Македонија го доживеа контекстот на плурализмот и будењето на чудовиштето од долгогодишната хибернација. И немерливите штети, кршот што го направи додека се вртеше во нашиот дуќан со кристали. Да, да, драги мои, животот е малку посложен отколку што пишува во колумните на Геро, на Милчин и на Иворче. Втората смрт му го извади срцето на смислата. И затоа е покатегорична. Јас верувам дека нема да има потреба да ги убиваме по третпат. НАТО, да се разбереме, не се занимаваше со првокласниот комитски кретенизам од трет ред, со некстајмската гранд-парада на националниот фолклор, облечен во костумите на современата политика, ниту, пак, Северна Македонија и нејзините претставници на самитот во Лондон се занимаваа со екипата на Мицко, кој курац е таа банда за тоа високо рамниште, но објективниот развој на настаните, тоа што се случуваше во Бакингамската палата и импликациите од тоа, тоа, драги мои, се однесува кон вмро-дпмне како порастот на нивото на океаните кон ниските острови во Тихиот Океан. Аш, нема вмро, нема дпмне, нема некст тајм, нема пирин планина, нема никаква планина, смртна бонаца е, нема тодор александров, Гоце Делчев е слободен човек… Македонското прашање е одговорено во НАТО. Не во вмро.

А тоа за вмро е смрт по дефиниција. Не затоа што Тричковски така вели или сака. Тоа е просто така.

Мисијата на вмро-дпмне беше да ја држи Македонија подалеку од НАТО и ЕУ во статусот на самораспаѓање затоа што суштината на Македонија каква што ја знаеме е длабоко антивмровски феномен. Тоа што ќе продолжи да се претставува како вмро, тоа се само пластични шишиња, куртони и капи од фризерниците за жените што останале да пливаат во океанот по смртта на островот. Вмро се обиде да го исклучи македонскиот пациент од европските апарати, да му стави перница врз главата и отров во инфузијата, не успеа затоа што предметот на неговата смртоносна мисија, во меѓувреме, заврши во Лондон и во Брисел, Историјата му го киднапираше пред носот. Сагата е готова. Можат да садат компири на Криволак или марихуана и камилица во Сопиште, но со политика нема да можат да се занимаваат ако не се девмровизираат. Освен, можеби, као со ритуална фарса на затрескани секташи.

Процес на умирање на еден надживеан организам

Не сум сигурен дека на простата маса работите ќе ѝ станат појасни, но, еве, ќе кажам, прашањата за Македонија, за македонскиот субјективитет, државен и национален, за идентитетот и достоинството, за македонските перспективи, се извадени од балканската крчма и се кренати на ниво, на кое вмровската класика се обесмислува без остаток. Тие се како хокејарска екипа на која некој им го украл пакот. Вмро е сега во улогата на пациент, на кој му се отстранети апаратите за вештачко одржување.

Завршена е внатрешната битка за Македонија. И надворешната, се разбира, но акцентот тука го ставаме на внатрешната, макар што тие две работи се тесно поврзани. Јас мислам дека на тој начин се создадени објективни околности за трансформација на конфликтот од историски и егзистенцијален во политички. Односно за упристојување и нормализирање, за култивирање на дискурсите и на животот во Македонија.

Јас и порано сум пишувал за смртта на вмро-дпмне. Секогаш како за процес на умирање на еден надживеан организам. Така е и сега. Деталите за смртта ќе ни ги соопштат од злосторничката инсталација, а јас се надевам дека и од правните инстанци, што во меѓувреме ќе мора да се рехабилитираат, меѓу другото затоа што и до нив ќе допре свеста за новите историски констелации, ќе добиеме радосни вести за смртното страдање на злото.

Кога малку ќе подолабави оваа еуфорија околу НАТО, расположението ќе ни го кренат пријателите од Европската Унија, со вести за датумот и со преговорите. Не се секирајте за Собранието. Тоа е неформално обезвластено во врска со способноста да им нанесува штети и рани на граѓаните. Освен преку патните и дневни трошоци на летечките кретени. Темата за ратификацијата е бесмислена, затоа што ратификација ќе има, а и ако нема, ќе биде исто како да има. Идејата за предвремена ратификација е обид за компромитација на чинот. Веројатно е подобро изборите да се одложат. Да му се даде можност на кикифрики да ја продолжи франшизата со Боки 14 и Боки 15, на Мицко да организира некој магарешки атентат во кој самиот ќе загине или Ацо Лигњата да земе патни и дневни за патување, од кое нема да се врати зашто од стрв ќе реши да патува на планетата Мелмак кај што ќе го изедат локалните гомнојадци.
Да, ќе заборавев: не би требало да чекаме никаква историска дистанца за да им оддадеме највисока можна почест на господата Заев и Димитров, но и на Шекеринска и на Османи. Првин со убедлив мандат на изборите, кога и да се, а за после ќе видиме. Како и на сите знајни и незнајни јунаци, вајари на новата историска македонска димензија и стварност. Па и на сите говњари, дури и на овие од вмро, зашто во битката против нив Македонија одеше напред!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот