Сметките блокирани, пресметките активни

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Економската неизвесност ќе биде уште понагласена поради блокадите: надворешната од Бугарија и внатрешната од ВМРО-ДПМНЕ, со „активната блокада“ (каков оксиморон!).

Што велат „голите“ бројки:  87.051 вработен за април, а 7.284 за март не земале плата. Во март имало повеќе од 4.000 фирми што воопшто не доставиле пресметки за плата и повеќе од 3.000 што доставиле, но не ги исплатиле вработените во законскиот рок. Во април, бројката на компании што не пресметале плати надминала 6.000, а минатиот месец приближно 16.000 не го испочитувале рокот за исплата на плата.

Управата за јавни приходи, во обид да ги заштити вработените, но и да спречи злоупотреби, кои не беа ретки за време на пандемијата, на дел од фирмите веќе им ги блокирала сметките. Оттаму велат дека тоа ќе помогне да се намали бројката на непочитувачи на законот, но така може да порасне списокот на затворени стопански субјекти. Зашто сè потешката наплата на побарувањата ги принудува да ги трошат резервите (оние што ги имаат) или да земаат кредити (додека уште не станале прескапи).

Според „Бизнис мрежа“, во првите три месеци од годинава згаснале 3.920 компании. И овој тренд е поразителен ако се знае дека лани, за 12 месеци вкупната бројка на фирми што ставиле клуч на врата е 6.995.  Расте бројот и на компании што побарале субвенции на придонесите: во март биле поднесени барања за повеќе од 22.000 вработени, а во април барањата за субвенционирани придонеси пораснал на 25.000. За повеќе од илјада се зголемил бројот на фирми што побарале помош за исплата на минималната плата – од 1.703 во март на 2.777 во април. Нужната мерка – покачувањето на минималната плата, пак, поттикна лавина штрајкови!

Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата во април 2022 година се забрза и достигна годишна стапка од 10,5 отсто, што упатува дека оваа година инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата. „Со оглед на остварената инфлација што е над проекцијата и очекувањата за идната динамика на увозните цени што се коригирани во нагорна насока, ризиците за проекцијата на инфлацијата се исто така нагорни“, констатира Народната банка на Македонија во својот извештај.

Инфлаторната спирала се заканува, со оглед на растечкиот број на штрајкови. Засега курсот на денарот се брани со кредити, но и во поглед на задолжувањата е надмината психолошката бројка од 60 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Многу работи зависат од глобалните политички и економски движења, но со оглед на нашата високопроцентна зависност од увозот на енергија и на прехранбени продукти, нужен е соодветен итен одговор! Најавите за зголемено производство на сончоглед за две до три години е само – садење тикви!

Неизвесноста ќе биде уште понагласена и поради блокадите: надворешната од Бугарија – во евроинтеграцијата, како и внатрешната, пред сите од ВМРО-ДПМНЕ со „активната блокада“ (каков оксиморон!?) – на вкупниот општествено-политички живот. Со најава дека протестите ќе „излезат на улица“.

Власта и јавно го искажува разочарувањето поради бугарските уцени, а нема намера да отстапи пред барањето на опозицијата за предвремени избори. Што е најава за политичка нестабилност која, во секој случај, не е поволен амбиент за решавање на економски проблеми. Опозицијата, пак, не понуди вистински решенија за полесно справување со сите досегашни кризи – здравствена, енергетска, сега и економска. Не ги извадија од уста фразите за криминал и корупција, и тоа во период кога нивни поранешни функционери се речиси секојдневно во судница. А ефективноста на нивните политики најдобро се гледа на локално ниво, каде што „владеат“. Сечењето ленти на спортски игралишта нема да ги покрие дупките во општинските буџети. Барањата за помош од централната власт секако не може да се нарече обид за домаќинско работење. Веројатно така ги учи новоформираниот економски тим на Христијан Мицкоски.

Јавањето на бранот на незадоволството нема да ги реши проблемите, но нервозата кај власта е очигледно присутна, за што најдобро зборуваат сочните пцости на претседателот на Собранието Талат Џафери кон службениците во парламентот. Парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ како одвај да го дочека овој, беспоговорно грд чин, за да се дефокусира нивната блокада на усвојувањето клучни закони. А допрва претстои усвојување на ребаланс на Буџетот!

Бугарија нè отпиша, ама затоа лошо ни се пишува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот