Сменет распоред: на Генералното собрание на ОН наместо Мицкоски ќе оди Сиљановска-Давкова

Сиљановска и Мицкоски/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Според ротацијата, не ѝ е редот да учествува на ГС, но во координација со Владата претседателката ќе ја предводи македонската делегација, потврдија од нејзиниот кабинет. Во делегацијата, според најавите, ќе биде и првиот вицепремиер Изет Меџити и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Македонските власти уште еднаш не ја испочитуваа воспоставената ротација за присуство на највисоките државни претставници на меѓународни настани. Така, годинава на 79. Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, кое ќе трае до 28 септември, ќе учествува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, иако според редоследот таму треба да биде присутен премиерот на државата, во случајов Христијан Мицкоски.

На Генералното собрание вообичаено делегацијата ја предводи или претседателот на државата или премиерот и тие ротираат секоја година. Минатата година на 78. Генерално собрание учествуваше претседателот Стево Пендаровски, кој се обрати на Генералната дебата. Но, годинава редот се „наруши“.

Од кабинетот на Сиљановска-Давкова потврдија дека таа ќе оди во Њујорк.

– Точно, според ротацијата не ѝ е редот да учествува на Генералното собрание. Сепак, во координација со Владата претседателката ќе ја предводи македонската делегација – изјавија за „Слободен печат“ од нејзиниот кабинет.

Во делегацијата, според најавите, ќе биде и првиот вицепремиер Изет Меџити и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Инаку, во делегацијата обично има неколку министри во зависност од темите што се на агендата на ГС, но и состаноците што се организираат на маргините на Собранието.
Дека со доаѓањето на новата власт се воспостави нов ред во ротацијата за учество на меѓународни настани потврда е и последниот самит на НАТО што се одржа во Вашингтон, на кој требаше да учествува претседателката, но наместо неа таму замина премиерот Мицкоски со неколку министри.

Сиљановска-Давкова по заедничкото гледање на операта „Набуко“ в петок во Софија, во Њујорк ќе има уште една шанса за средба со бугарскиот претседател Румен Радев, кому според нивната ротација му е редот да учествува на Генералното собрание на ОН. Во бугарската делегација освен Радев ќе бидат и двајца министри, еден заменик-министер, амбасадорот во ОН и претставници од МНР и од претседателскиот кабинет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот