„Слушнав тивко плачење, како да мјаука маче“, вели човекот кој спаси бебе од контејнер во Србија
Бојан Златковиќ (50) од српското село Малошиште кај Ниш, вчера попладнето пронашол и спасил новороденче кое мајката го оставила во контејнер покрај локален пат. Тој за „Блиц“ ги раскажа деталите од драмата и спасувањето на бебето.
„Цело време се тресев додека не видов дека се ќе биде во ред со детето. Се плашев дека ќе умре додека не дојде брзата помош. Се опуштив кога дојдоа лекарите и кога видов дека сè е во ред со него”, вели Златковиќ.
Кога излегувал од локалната продавница, тој видел девојка на возраст од околу 20 години како се оддалечува од контејнерот отспротива.
„Не видов дека нешто фрли, но човек што стоеше пред продавницата видел дека таа имала нешто во рацете и го фрлила во контејнерот. Ја прашал што фрла, а таа рекла дека е маче“, раскажува тој за „Блиц“.
Златковиќ отишол до контејнерот и слушнал нејасни звуци – се слушало нешто како тивко мјаукање.
„Додека се приближував до контејнерот, го слушнав тивкиот плач на новороденото дете. Го викнав човекот што стоеше пред продавницата: Еј, тоа е бебе што плаче, дојди да го извадиме! Се замрзна од страв. Кога го отворив контејнерот, видов бебе“, вели тој.
Како што додава, не можел да стигне до бебето бидејќи контејнерот бил празен.
– Беше премногу длабоко за да го дофатам со рацете. Запрев друг човек кој ми помогна да го извртам контејнерот за да можам да стигнам до бебето. Ја соблеков јакната, ја ставив до контејнерот, го зедов бебето и го завиткав во јакната и го донесов во продавницата. Реков да се јавуваат во полиција. Бебето тивко плачеше додека го држев во раце, не знаев каде сум. Тоа беше како стеснување на свеста. Не видов никој околу мене. Го гледав само бебето, тоа да биде добро, додава случајниот херој.
Родителите не знаеле дека девојката е бремена
Јелена и Драган Ј., родителите на жената која го родила и го фрлила бебето во контејнер, за „Блиц“ велат оти не знаеле дека нивната ќерка е бремена и дека дознале дека таа го родила и го фрлила детето дури кога дошла полицијата. Тие раскажуваат дека нивната ќерка тој ден се пожалила на болки во стомакот и дека дури по породувањето виделе дека бебето се родило до влезната врата. Таа тогаш го зела новороденчето и го однела право во контејнерот до куќата.
Мајката е осомничена за обид за убиство на дете при породување. Како што објавија српските медиуми, таа по породувањето била пренесена во Универзитетскиот клинички центар во Ниш за да ѝ се укаже помош и дека не е во животна опасност. По наредба на Обвинителството, штом ќе ѝ дозволи здравствената состојба, мајката ќе биде испратена на психијатриски преглед.
Бебето било пренесено и задржано на педијатрија во УКЦ Ниш, за лекарите да ја следат неговата состојба.