Случајот Мијалков: озлогласена приказна за националистичкиот менталитет

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Луѓето во исчекување на диктаторот спремни се да го поддржат секое злосторство. Луѓето во диктатура чувствуваат идеална слобода, затоа што повеќе не мора да мислат. Во основа, националистичкиот контекст ги прави злобни и расипани.

Чувствувам, драги пријатели, како да удираат громови на јавната сцена, баш како да сме среде вистинска војна или можеби пророкот Илија нѐ има нацентрирано, па ни го изгоре домашниот интернет, ни рикна кабелската телевизија, сѐ оди по ѓаволите, а всушност побегна Сашо Мијалков, озлогласената приказна за нашиот националистички менталитет. Да, добро слушнавте, националистички односно лажен патриотски менталитет. Така што, од друга страна, ова би го нарекол и невреме, бидејќи не знам како поинаку да го наречам.

А секоја приказна за нашиот националистички менталитет овдешните луѓе ја дефинираат на граница на мистификација. Или од онаа страна на мистификацијата. Дури ако некоја поголема група ја карактеризираш вака или онака, тие мислат дека ти брате лажеш. А, ако за менталитетот не се лаже, тогаш нема ниту што да се каже. Ама она што на лагата и се надоградува, она кое се додава, сите тие примери, анегдоти, историски факти, вицови и измислици, сето тоа е, всушност, некаква вистина. На крајот, приказната за менталитетот всушност претставува вистина за лагите.

Потреба од диктатор

Јас во овие 12 години многу добро почувствував дека разлики постојат. И тоа, богами, ми се удри од глава. Бев и сѐ уште сум бајаги измаван, главно метафорично, притоа ниту физичките страдања не беа исклучени, сѐ додека на крајот на краиштата не ме дефинираа како дојденец, странец и јабанџија. Ама во таа менталитетска трансформација – која не можеше да биде националистичка трансформација (а имаше многу луѓе што тоа го посакуваа!) – го доживеав тоа што ми беше необично важно: разбрав дека постојат други и различни! A, неверојатно е колку луѓе има околу нас што таквото нешто никогаш нема да го сфатат. Притоа, таквите луѓе „нормално“ живеат, наизглед ништо не им фали. Дури и со филозофија и „општество“ се занимаваат, па сеедно не забележуваат дека постојат други и поинакви, освен што ги разбираат дихотомиите добри-лоши, сојузници-непријатели, Руси-Американци, партизани-Германци…

Доста беше филозофирање, да преминеме на конкретното. Сашо Мијалков е производ на националистичкиот наратив на груевизмот. Дури, спремен сум да одам потаму: тоа беше режим што произведуваше прикриени Хитлери и Сталини. Од друга страна, никако не можам да се помирам со фактот дека злосторниците се довлекуваат до власт и го покренуваат чудовишниот механизам на теророт, а груевизмот пред се беше терор. Спремен сум да го кажам и тоа: националистичката маса бара злосторник и диктатор! – оттука, прашање е на време кога ќе стане „критична“. Во конечноста, го видовме и примерот со Груевски, а најново го видовме и примерот со Мијалков: станува збор за крајно просечни, често неуспешни ликови.

Не беа Груевски и Мијалков главните архитекти на македонскиот национализам, немој да се лажеме! Национализмот на нашите националромантичари го наоѓаат во една книга која се вика „Мајн кампф“, прилично досадна, ама удира директно во инстинктивното и несвесното кај човекот. Нацизмот е, да потсетиме за оние што заборавиле, милитантно крило на германскиот романтизам – на епохата, на движењето – за кое сметам дека е одговорно за големите зла на модерното време. Тие битанги, германските романтичари, нациите ги претворија во идолопоклонства и со својата сила предизвикаа злокобни струи и на Балканот.

Националистичката нереформирана ВМРО-ДПМНЕ е партија што го исчекува диктаторот. Не Европа, не демократија и слични приказни за мали деца, туку оваа партија го исчекува диктаторот. Порано го исчекуваа Месијата, што значи веруваа во нешто нематеријално, ама откако не веруваат во такви работи, тие го исчекуваат диктаторот.

Одговорност мора да има

Зошто е тоа така? Затоа што луѓето се стремат кон едноставност. Нивните мозоци функционираат според бинарниот принцип: добро-зло, црно-бело, фашист-антифашист, Македонец-Србин, црнец-белец… Сѐ што е малку посложено, сѐ за кое треба да си ја чукнат главата, да размислуваат, емотивно да се ангажираат или – не дај Боже – да бидат одговорни, на луѓето им нанесува тешка физичка болка, ги прави несреќни и незадоволни. А кога ќе им дојде диктаторот, оној што ќе размислува наместо нив и оној што ќе одлучува наместо нив, луѓето се помируваат, стануваат кротки, „питоми“. И сѐ некако им е нормално и според законот, луѓето се помируваат, за сите други сериозни работи се одговорни некои други кои можат да ја согледаат целата слика, историскиот контекст, Божјата причина…

Луѓето во исчекување на диктаторот спремни се да го поддржат секое злосторство. Луѓето во диктатура чувствуваат идеална слобода, затоа што повеќе не мора да мислат. Во основа, националистичкиот контекст од луѓето прави џган, ги прави злобни и расипани. А капитализмот од луѓето прави да стравуваат и живеат во страв. И за нив е важно никогаш и за ништо да не бидат одговорни. Чувството на одговорност ги понижува и ги срами. Многу полесно ќе живеат како стока, и притоа ќе станат убијци, отколку што во себе ќе почувствуваат одговорност за, да речеме, Сашо Мијалков (без разлика кој е и што е тој човек), „груевизмот“, масовното прислушување, за теророт.

Не би сакал да паметувам што ќе прават институциите или да лупетам како некаков блесав селектор кои чекори ќе ги презема Заев, ама знам само едно: за бегството на Мијалков одговорност мора да има, а нему да му биде изречена пресуда. Во спротивно, ние сме осудени да живееме во некои тешки и мачни времиња од злосторниците и нивните „литерарни“ лудила. А литерарни затоа што секоја фигура на груевизмот заслужува посебен роман. Верувам дека Заев ќе излезе посилен од овој опасен скандал, бидејќи не се работи за него или за владата, ами се работи за нас граѓаните на оваа земја. Еднаш влеговме во груевизам, таму повторно не смееме да се вратиме!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот