Случајот „Ласкарци“ се претвора во најдолго судење за сообраќајна несреќа, оштетените бараат правда

Превртен автобус на Дурмо-турс кај Ласкарци
Превртен автобус на Дурмо-турс кај Ласкарци / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ни по три години од тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци сѐ уште нема правда за семејствата на загинатите, за повредените и патниците кои останаа инвалиди откако се преврте автобус на компанијата „Дурмо-турс“ од Гостивар.

Судењето против обвинетите Дурмиш Белули, Ремзи Мифтари, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски, Јане Бобаровски и Маноил Трифуновски, за дела против безбедноста во сообраќајот во различни степени станува најдолгото судење без епилог за сообраќајна несреќа.

Сопственикот на „Дурмо турс”, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Предметот сѐ уште е во првостепена постапка, а досега се одржани над 100 рочишта.

Членови на семејствата на загинати во оваа сообраќајна несреќа се сомневаат дека предметот се провлекува низ правосудните дупки олку време со цел да дојде до застареност за кривично гонење и обвинетите да се ослободат.

Како што вели за „Слободен печат“ сопруга на еден од загинатите патници, кој зад себе остави две малолетни деца, „на обвинетите и нивните бранители непрекинато се врши притисок со најразлични незаконски барања и предлози врз судискиот совет кој постапува по предметот, за предметот да се запостави и постојано да се одлага“.

-Нашите загуби се ненадоместливи, а шокот и болката низ кои поминавме ќе останат засекогаш. Останува само да ја бараме правдата, вели таа инсистирајќи на анонимност, а името е познато на Редакцијата. -Да не дозволиме ваква трагедија да се повтори во иднина, додава таа.

Во тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци која се случи при добри временски услови, а според вештачењата имало технички проблеми со автобусот на „Дурмо-турс“ и заштитата на патот, загинаа 15 патници, а над 30 беа повредени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот