Случај „Титаник“: Судски сведок изгубил меморија откако се разболел од коронавирус

Олга Николова од Штип беше прв сведок на денешното рочиште за процесот „Титаник”. Сведочејќи пред судскиот совет со кој претседава судијата Осман Шабани, Николова истакна дека многу не била запознаена со финансирањето на нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ и не била запознаена со нејзиното финансиско работење. На прашање на јавната обвинителја Лиле Стефанова дали сведокот во период 2011-2014 година донирала пари за партијата ВМРО-ДПМНЕ, сведокот рече:

– Како член на партијата имам донирано пари за партијата. Лично мои пари имам донирано. Еднаш имам уплатено пари во Штип, а во друга прилика имам уплатено во Кочани. По некогаш донирав 300 или 500 денари, истакна сведокот.

Запрашана, пак, дали на друго лице му дала пари да уплати наместо неа за потребите за партијата, сведокот рече:

– Не знам, не се сеќавам дали на некое лице сум му дала 60.000 денари да уплати во мое име. Јас бев само обичен член во партијата и парите ги собиравме во Местниот комитет на партијата, рече сведокот Николова.

Втор сведок беше Силвија Мојсовска од Охрид. Таа изјави дека нема сознанија како се финансираат политичките партии, а единствено што знае дека со донација може да се потпомогне одреден политички субјект.

– Повеќе пати имам уплатено пари за политичка партија. Еднаш имам платено во банка, а во друга прилика во Пошта. Еднаш уплатив 10.000 денари, а потоа има уплати од 13.000 денари, 30.000 денари и 18.000 денари. Првата уплата мислам дека беше во 2013 година. За останатите уплати мислам дека беа во 2014 година. Сите уплати беа реализирани во Охрид, нагласи Мојсовска.

Кирил Печалев, вработен во гимназија, рече дека по своја желба имал донирано пари за ВМРО-ДПМНЕ.

– Парите ги уплаќав со уплатници во банка. Најголема сума која ја имам уплатено е околу 13.000 денари. Најчесто сум уплаќал донации пред избори, потврди сведокот.

Пензионерот Васко Недев од Гостивар, пак, пред судскиот совет како сведок рече дека не знае како се финансираат политичките партии и дека никогаш не дал донации за било која партија. На прашање на обвинетиот Илија Димовски дали се сеќава дека неговиот денешен исказ е многу поразличен од тој што го дал пред јавен обвинител во текот на истрагата, сведокот рече:

Јас прележав ковид-19 и ја загубив меморијата. На сведокот му беше приложен и документ кој го потпишал во ОЈО за да одговори дали потписот на документот е негов. Но, сведокот рече дека не може да се сети дал е тоа негов потпис.

– Јас не можам да се сетам што сум јадел вчера, а не пак за ова што ме прашувате, истакна Недев.

Во овој случај за изборни нерегуларности во три последователни изборни циклуси (2011 година, 2013 година и 2014 година), покрај обвинетиот, а избеган екс премиер Никол Груевски, кому му се суди отсуство, обвинети се и: Илија Димовски, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Билјана Бришкоска, Кирил Тодоровски, Леко Ристовски, Едмонд Темелко, Мунир Пепиќ и други членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот