Случај црква во село Галате: Полицијата приведе две лица
По обидот на десетина граѓани да се сретнат со општинските власти во Врапчиште и да добијат објаснување околу прекинот на работите на уредувањето на дворот околу црквата Св. Петка, полицијата презела мерки и привела две лица. По извршениот разговор во полициската станица, еден од приведените објави фотографија дека околу 20:30 е пуштен на слобода.
Претходно Основното јавно обвинителство Гостивар се обиде преку соопштение да ги разјасни работите откако на социјалните мрежи почнаа да се споделуваат видеа за случувањата во близина на верски објект во гостиварско Галате, а се однесуваат на наводно спречување на група граѓани да градат црква, при што полицијата наводно сакала да ги апси насобраните граѓани пред црквата во село Галате која била значително оштетена во воениот конфликт во 2001 година.
Гостиварското ОЈО тврдеше дека објавените информации кои се споделуваат на социјалните мрежи и се преземени од некои медиуми се невистинити.
„Основното јавно обвинителство Гостивар ја известува јавноста дека јавен обвинител нема издадено наредба за приведување или задржување на ниту едно лице. Основното јавно обвинителство Гостивар е известено дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат. Работите се прекинати, а по насоки на јавен обвинител денеска полициски екипи ќе извршат увид на лице место со цел да се утврди каков е статусот на објектот и работите кои се извршувале, како и дали во целиот настан воопшто има елементи на кривично дело“, соопшти ОЈО Гостивар.
Обновата на црквата во Галате отвори стари рани, каде е одговорноста