Сложувалката на Бајденовата „надворешна политика за средната класа“

epa09097060 President Joe Biden speaks during the first formal press conference of his presidency in the East Room of the White House in Washington, in Washington, DC, USA, 25 March 2021. EPA-EFE/OLIVER CONTRERAS / POOL

Очигледна е големата разлика помеѓу внимателноста на надворешен план и радикалната домашна политичка агенда на Џо Бајден

Ако има нешто за што Бајден и поголемиот дел од светот би се согласиле, тоа е неуспехот на надворешната политика на „Америка пред сè“ на Доналд Трамп. Глобалниот трговски дефицит на САД порасна за скоро 40 проценти за време на владеењето на Трамп – што е мерило за кое тој најмногу се грижеше.

Бајден, напротив, промовираше многу нејасна мерка за дипломатскиот успех на својата администрација: здравјето на средната класа во Америка. Секој чекор надвор ќе се процени според неговото влијание врз обичните Американци во САД.

Надворешната политика на Бајден „за средната класа“ има атрактивна звучност, бидејќи како и сите добри слогани, го освежува брендот. Но, не е јасно колку неговиот надворешно-политички производ, всушност, ќе биде различен.

 Сојузниците сакаат економија

Скептиците за ваквиот пристап би го нарекле „Трампизам со човечко лице“. Надворешната политика за средната класа, со други зборови, може едноставно да биде еуфемизам за „без трговски зделки“. Помалку сомничавите очи би рекле дека Бајден го прави она што е потребно за да се изгради јавната доверба во повторно глобално ангажираната Америка.

Кој ќе излезе дека е во право? Еден од највпечатливите аспекти на администрацијата на Бајден е разликата во тонот меѓу неговите надворешни и внатрешни политики. На домашниот фронт, Бајден претпазливоста ја фрли низ ветер. Наспроти стравувањата дека ќе дојде до големи поделби во Демократската партија, левицата е воодушевена од радикалните домашни планови на нивниот лидер. Но, речиси обратното е точно за неговиот релативно претпазлив пристап кон светот. Меѓу другите поплаки, либералите не се задоволни од цврстиот став на Бајден повторно да се приклучи на иранскиот нуклеарен договор, од неговиот мек третман на принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, и од неговата радикалност во однос на Кина.

Фото: EPA-EFE/Leigh Vogel / POOL

Бајден се соочува со два проблеми во прикажувањето на својата дипломатија во мејнстрим јавноста. Прво, сојузниците на САД сакаат повеќе економски ангажман. Тоа значи трговски и инвестициски зделки. Бајден би можел да се разликува од минатата администрација со фокусирање на теми од 21 век, како што се 5Г и зелената технологија, наспроти опседнатоста на Трамп со сојата и челикот.

Но, освен ако САД не се подготвени да се справат со своите азиски и европски партнери, Кина ќе продолжи да подјадува дел од американскиот пазар. Тоа би ја оштетило и американската средна класа и глобалната позиција на САД. Повеќето американски азиски партнери прават многу повеќе трговија со Кина, отколку со САД.

Не Кина, туку Швајцарија и Ирска

Второ, секаков вид трговски разговори сега се третираат како токсични во американската политика, делумно затоа што многу Американци ја обвинуваат глобализацијата за намалените приходи. Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на Бајден со стратегиски пристап – и еден од архитектите на неговата „надворешна политика за средната класа“ – тврди дека САД им дозволиле на деловните групации како „Голдман сач“ и „Биг фарма“ (Goldman Sachs и Big Pharma) да ги диктираат условите под кои се склучувале минатите трговски зделки. Што е неспорно. Бизнис-лобијата отсекогаш имале далеку поголема моќ во Вашингтон отколку синдикатите, еколошките групи и другите засегнати страни.

Фото: daniel0 daniel0 / Panthermedia / Profimedia

Според Саливан, единствениот начин да се обнови довербата во трговските зделки е да се принудат американските производители да го искористат домашното производство и да ги затворат даночните засолништа во странство. Но, не е евтината за производство Кина, која ги произведува повеќето лекови во Америка. По вкупната вредност, тоа се Швајцарија и Ирска.

Повторно, Саливан е близу до вистината. Но, проблемот е во тоа што може да бидат потребни години за ваквите мерки да почнат да ги менуваат перцепциите на средната класа во САД, ако Бајден навистина може да го спроведе планот. Најголемиот тест за тоа дали е подготвен економски да ја преземе Кина е Транс-Пацифичкото партнерство (ТПП), трговскиот договор за кој долго преговараше Барак Обама.

Би било политичко самоубиство за Бајден повторно да се приклучи на ТПП во оваа фаза. Сепак, би било геополитичка катастрофа за САД ако Кина влезе во групата, како што најави дека можеби ќе сака тоа да го стори. Изгледите за тоа не се толку далечни. Додека Америка размислува, Кина беше зафатена со интензивно склучување договори за глобална трговија и инвестиции.

Инвестициите поважни од долгот

Остатокот од светот не е во состојба да ги поколеба американските гласачи. Таа улога паѓа врз лидерите на Америка. Најдоброто отворање на Бајден би било да се насочи кон продлабочување на стравот на американската јавност кон Кина, нешто што во американската јавност достигна врв минатата година од 73 проценти, со сè уште изненадувачки голема поддршка за трговијата воопшто.

Бидејќи, Американците не стравуваат автоматски од поголема трговија – само стравуваат да тргуваат со Кина. Бајден би можел да додаде дека ерозијата на повеќето индустриски работни места во Америка е предизвикана од технологијата, а не од трговијата и отсуството на федерална поддршка за оние кои губат заради трговијата. Вашингтон со децении замижуваше пред избегнување на корпоративните даноци. Дарежливиот однос кон акционерите може да се спореди само со рамнодушноста кон судбината на работниците.

Со оглед на политичката клима во Америка, би бил шокиран доколку Бајден повторно се приклучи кон ТПП или ако започне трговски разговори надвор од Европа. Сепак, неговите советници се свесни дека последиците од неактивноста на САД би биле големи. Саливан напиша дека судбината на големиот натпревар меѓу Америка и Кина за тоа кој е помоќен „на крајот ќе се сведе на тоа колку ефикасно секоја земја управува со својата национална економија и колку влијае врз обликувањето на глобалната економија“. Тој забележа и дека недостатокот од домашни инвестиции е „поголема закана за националната безбедност, од националниот долг на САД“.

Клучот за судбината на САД лежи во тоа колку вешто Бајден може да направи две работи одеднаш: да ја зајакне средната класа на Америка, додека ја надминува Кина на глобалната економска сцена. Добрата вест е дека Бајден напредува со првата амбиција. Лошата вест е дека тој не може да си дозволи да почека до неговиот претпоставен реизбор, пред да преземе политички ризици во спроведување на втората амбиција. Глобалната економија нема да го чека Бајден за тој да реши што сака да прави.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (03-04 април 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Бајден за местото на Америка во светот

(од обраќањето на американскиот претседател во Стејт департментот на 4 февруари, 2021 година)

Сакам светот денеска да слушне: Америка се врати. Дипломатијата е повторно во центарот на нашата надворешна политика.

Како што реков во своето инаугуративно обраќање, ќе ги обновиме нашите сојузи и повторно ќе се вклучиме во светот, не за да одговориме на вчерашните, туку на денешните и утрешните предизвици. Американското лидерство мора да го пресретне овој нов момент на напредувањето на авторитаризмот, вклучително и растечките амбиции на Кина да им конкурира на Соединетите Држави и решеноста на Русија да ѝ наштети и да ја наруши нашата демократија.

Прво обраќање на Бајден од Белата куќа/ Вашингтон/25 март 2021/ Фото: EPA-EFE/OLIVER CONTRERAS / POOL

Ние мораме да го пресретнеме новиот момент на забрзаните глобални предизвици – од пандемијата и климатската криза, до ширењето на нуклеарното оружје – што ја предизвикува волјата проблемите да се решат заеднички, со соработка меѓу нациите. Ова не можеме да го спроведеме сами.

Се работи за следното – мораме да започнеме со дипломатија вкоренета во најдрагите демократски вредности во Америка: со одбрана на слободата, со отворање на можностите, со почитување на универзалните права, почитување на владеењето на правото и третирање на секоја личност достоинствено.

Тоа е основната жица на нашата глобална политика, на нашата глобална моќ. Тоа е нашиот неисцрпен извор на сила. Тоа е предноста на Америка.

Иако многу од овие вредности беа под силен притисок во последните неколку години, дури и притиснати до самиот раб во последните неколку недели, американскиот народ ќе излезе од овој момент посилен, порешителен и со подобри можности да го обедини светот во борбата за демократија, затоа што ние самите се боревме за тоа.

(…)

Нема веќе реска линија помеѓу надворешната и внатрешната политика. Секоја акција што ќе ја преземеме во нашето однесување во странство, мора да ги има предвид американските работнички семејства. Унапредувањето на надворешната политика за средната класа бара итен фокус на нашата домашна економска обнова.

И затоа веднаш го претставив Американскиот план за обнова за да се извлечеме од оваа економска криза. Затоа, минатата недела потпишав извршна наредба за зајакнување на политиката „Купувајте американско“. Ќе работам и со Конгресот за да направам далекусежни инвестиции во истражување и развој на трансформирачки технологии.

Овие инвестиции ќе создадат работни места, ќе ја одржат глобалната американска конкурентност и ќе обезбедат сите Американци да учествуваат во придобивките.

Доколку инвестираме во нас и во нашите луѓе, ако се бориме да се осигураме дека американските бизниси се позиционирани да се натпреваруваат и да победуваат на глобалната сцена, ако правилата за меѓународна трговија не се насочени против нас, ако се заштитени нашите работници и интелектуалната сопственост, тогаш нема земја на земјината топка – ниту Кина или која било друга земја – што може да се рамни со нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот