Словенец во Македонија

Фото: Ерол Шаќири

Насловот го избрав случајно поттикнат од една расправа на социјалните мрежи пред неколку дена за тоа зашто Словенија е толку понапред од нас и зошто Словенците живеат многу подобро, зошто е таму чисто, средено, регулирано, и таканатаму. Словенецот во насловот може да биде било кој од било која европска земја. Сите овие се легитимни прашања и оваа дискусија се води во сите поранешни југословенски републики, сите се прашуваат истото, а главното прашање е дали се Словенците попаметни од нас?

Мојот директен одговор на прашањето е НЕ! Што е тогаш разликата? Има тука повеќе можни одговори, еден од нив е географската положба на Словенија, со кого граничат Словенците, а со кого граничат другите бивши републики, што за мене е неприфатлив. Друг за мене неприфатлив одговор е хомогеноста на словенечкото општество за разлика од нашето. Трет, исто така неприфатлив одговор е под чие ропство биле Словенците, а под чие другите републики. Можеби еден од најточните одговори е дека Словенците имаат менталитет на колектив и одрекување, жртвување на сметка на заедницата и несебичност, а ние имаме менталитет на индивидуалност, себичност и грижа само за себе и својата лична корист. Другиот прифатлив за мене одговор е општествените норми, оние кај нас, за разлика од оние во Словенија и Европа, а можеби ова е клучниот одговор. Доколку последниов се прифати како точен одговор, тогаш ќе дојдеме повторно на почетокот преку едно потпрашање, зошто нормите кај нас се такви какви се и не се ни близу до оние европските? Првото што ќе ви падне на памет е да ги кривиме политичарите кои пак ние ги бираме, потоа ја кривиме другата група која живее со нас, до нас, на крај ја кривиме средината, опкружувањето од кое сме впрочем дел ние самите, а никако кривица па макар и мала да најдеме во себе. Индивидуалци сме кога се работи за наша лична корист, а кога треба да се обвинува веднаш се вртиме кон колективи. Секогаш гледаме што може да земеме, да искористиме, а никогаш не размислуваме што може да дадеме, со што може ние да придонесеме за нештата да бидат поинакви. За да биде трагедијата поголема, такви сме по дома, во својата држава и тука ќе започнам со обидот да ја одбранам мојата теза дека Словенците или Швеѓаните, Англичаните, Германците и тн. не се попаметни од нас.

Нашите иселеници во развиените земји се одлично вклопени во нивните општества, ги прифатиле нивните норми без проблем и живеат според тие норми и стандарди. Многу од нив се успешни луѓе, доктори, адвокати, бизнисмени и тн., значи дека памет за тоа и потенцијал имаме. Истото се случува и кога како туристи ги посетуваме овие земји, понесени од она „во Рим сум Римјанин“, така и се однесуваме. Пробуваме за тоа кратко време да вкусиме, да доживееме што е можно повеќе од нивниот начин на живот, да се вклопиме во нивниот свет, во нивните навики, нивната култура. Толку кратко време, а веќе се чувствуваме како Европејци, се додека не се вратиме дома, во моментот која ја преминуваме границата и се наоѓаме на наша страна се претвораме во монструми, во истите оние г*вна од луѓе, таквата транформација за мене е неверојатна. Со неколку примери од лично искуство ќе се обидам да објаснам за што зборувам.

Повеќе од седум години работа за американска компанија една од најинтересните работи што сум приметил е однесувањето на „нашите луѓе“, на Балканците. Нема да верувате, но ова се некои од главните карактеристики: Секогаш отпоздравува со добро утро, добар ден, на тие што не ги знае им се обраќа со господине/ѓо, на тие што ги знае со брат, секогаш се обраќа на јазикот на другиот па макар тоа било само еден збор, никогаш не фрла отпушок на земја, ако нема канта во близина го чува во рака додека не наиде на првата канта, става појас и пред да ја запали колата, секогаш дава предност на пешаците, никогаш не навредува, секогаш зборува смирено без повишување на тон, посебно внимава како се обраќа на понежниот пол, неверојатно нели, неверојатно, но вистинито. Одговорот на ова е многу едноставен, секое прекршување на правило или недолично однесување ќе ве остави без работа. Американците имаат строги правила за се, а посебно за HR политиките (човечки ресурси), и сите се еднакви пред тие правила/закони кои не се само напишани, туку стопроцентно се имплементираат. Значи нашиот човек има капацитет, има памет да се вклопи во нормите и да функционира според истите, но памет користи само кога има личен интерес.

Пред повеќе од 20 години еден наш иселеник во Данска, дојден со некое бесно BMW постојано возеше минимум 100 км на час над дозволеното, а често возеше и пијан. Тогаш кај нас казните не беа толку ригорозни, ниту од финансиски аспект, па кога ќе го прашавте човеков зашто вака вози, ќе ви одговореше со „ќе си платам ако ме фатат“. Во Данска вака ли возиш? „Ти нормален ли си, па во Данска да ме фатат вака доживотно ќе ми ја земат возачката, ќе изгубам и работа и се“, тука ќе си платам и готово. А што ако прегазиш човек? „И него ќе го платам“.

Наши иселеници во летен период за време на однапред најавена рестрикција на вода. Никогаш, ама баш никогаш не се почитувала рестрикцијата па ќе ги видите како постојано ги наводнуваат нивните дворови, градини. На прашањето зошто тоа го прави, ќе ви рече „сам трошам сам си ја плаќам водата и казна ќе платам ако ме фатат, па зар цвеќињата да ми овенат“. Ама не се работи за парите тука бе човек, се работи за тоа што ти ќе оставиш неколку фамилии со деца без вода за пиење поради твоите цвеќиња и непочитување. Во Германија вака ли правиш? „Ти нормален ли си, па таму да ме фатат вака во затвор ќе ме пикнат“.

Австралиска дијаспора во авион. Два-три часа слушав муабет воден помеѓу две фамилии иселеници од Австралија, кој во принцип беше плукање на се и сешто во земјата каде се враќаат, нивната Македонија, а најкомичен ми беше следниов коментар: „Криминалци бе, сакаат чесно заработените пари да ни ги земат, едвај чекаат ние да дојдеме и да не молзат. Ми се јави комшијата пред месец дена ми рече дека стигнала опомена да ми ја исклучат струјата зашто имало некоја месечна такса од 70 денари што не сум плаќал. Замисли јас не сум ни таму, а сакаат да им платам 20 долари годишно за некоја такса, криминалци невидени“. Другите го потврдија гласно неговиот коментар. Кога слетавме пак, настана дилириум, овие истите, „Македонија, Македонија, Татковината….“. Ми дојде сочно да ги опцујам што би рекла Фатиме, но оставив.

За крај ќе додадам еден поинаков пример. Во 2001 и 2002 работев за британски Sky News како кореспондент од Македонија. Прво го покривавме вооружениот конфликт кај нас, а во 2002 работевме на сторија „што остави Милошевиќ зад себе“, во Косово и во Србија. Главниот новинар беше еден од најплатените во тоа време во таа телевизија, ѕверка што би рекле. Првиот конфликт со него се случи за време на една вечера во ресторан, кога на крај ме замоли да побарам од келнерот едно десетина бланко парагони, погодувате зашто. Веднаш љубезно го одбив и му реков слободно самиот нека си побара доколку веќе го прави тоа. Потоа каде и да седневме, Македонија, Косово, Србија, секогаш од ресторанот си заминуваше со десетина бланко парагони. Вториот конфликт се случи возејќи кон Солун, каде на сред автопат ме замоли да застанам за да се олесни, не можеше да издржи до наредна бензиска. Откако заврши со мала нужда, пред да се врати во автомобилот, забележа како еден партал од човек од друга кола во движење фрли празна кутија цигари. Новинарот згрозено ми се обрати и ми рече: „знаеш ли колку казна се плаќа кај нас ова да го направиш?“. Не знам, претпоставувам многу, му одговорив, а колку, извини, кај вас се плаќа за мочање на јавно место го прашав. Одговор не стигна, разбирајќи ме што сакам да кажам. Тоа беше последниот муабет до Солун, тоа беше и мојот последен ангажман со телевизијата, не по мој избор се разбира, да не се правам мангуп. Поентата на последниот пример е доколку сам не си ја почитуваш земјата и средината во која живееш, немој да очекуваш другите да го сторат тоа, другите само ќе се вклопат во сивилото во кое живееме.

Примери имам уште многу, но мислам разбирате што говорам. Имаме и ние закони европски само не ги почитуваме. Не се Словенците попаметни од нас не, по трет пат ќе повторам, докажавме дека можеме, дека имаме памет и капацитет за тие норми и стандарди. Можеме, а не сакаме. Надвор ќе искршиме јазик две реченици да склопиме на нивниот јазик, а дома не сакаме на своите сограѓани едно Добро утро, Мирменѓес или Гунајден да им кажеме. А зошто не сакаме, е тоа ни Фројд не знам дали би можел да одговори.

Не си патриот ако го вееш знамето од Кутлеш на некоја грчка плажа, ако вкрстиш рацете во облик на двоглав орел и се сликаш на аеродром во Белград, патриот си ако ти како поединец, па макар малку, придонесеш за твојата земја да стане подобро место за живеење. Немој да бидеш Словенец само кога си надвор од државата, патриот е да бидеш СЛОВЕНЕЦ ВО МАКЕДОНИЈА.

Можеби ќе звучи диктаторски, но јас решението го гледам во „ако нечеш милом онда силом“. Време е да почне државата да санкционира и институциите да бидат поригорозни. Кога ќе фрли некој ѓубре од 5-ти кат, не да се слика и да се стави на ѕидот на срамот, пошто го заболе него уво за срамот, туку да се пријави веднаш, а институциите да реагираат со високи парични казни. Говор на омраза кој кај нас се меша со слобода на говор, мора да санкционираш, парична казна, казна затвор, што и да е, само така може овој народ да се доведе во ред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот