Словенечка искра во балканското буре барут: Играњето со границите опасно и за Македонија

Македонија е видена како монета за поткусурување во територијалната делба за етники чисти држави во Западен Балкан, во наводниот нон-пејпер што словенечкиот премиер Јанез Јанша му го испратил на претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, за што пишуваат медиумите во регионот, а прв објави босанскиот портал politicki.ba.

Јанша ги предводи земјите на ЕУ кои сакаат „Голема Србија“ и распарчување на БиХ, Црна Гора и Северна Македонија

Документот се толкува како изразена намера на Јанша да се „комплетира распадот на Југославија“ за време на словенечкото претседателство со ЕУ кое почнува на 1 јули и подразбира отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина, прекројување на границите на Црна Гора, Македонија и Албанија и размена на територии меѓу Србија и Косово. Јанша веднаш демантираше дека истратил таков нон-пејпер, но и покрај тоа европратеничката Тања Фајон вчера го повика убаво да се дообјасни затоа што таквите повици значат нова војна на Балканот, а босанското претседателство ја повика словенечката амбасадорка на разговор, која пак рече дека Словенија ја поддржува Босна на европскиот пат.

Американската амбасада во Сараево нема да шпекулира за наводни изјави за територијални поделби

Словенечките медиуми вчера пренесоа дека документот најверојатно постои затоа што претходно од ЕС го потврдија, но дека не е испратен по официјален пат, туку по тајни канали. Премиерот Јанша на твитер напиша дека последен пат се сретнал со Мишел лани и не е точно дека минатиот месец му предал нон-пејпер.

„Словенија сериозно бара решенија за развој на регионот и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, но ваквите написи се обидуваат да ја спречат таа цел“, напиша тој.

И покрај негирањето, европратеничката Фајон го покани Јанша да објасни што има во тој документ.

„Овие денови бев предупредена од БиХ дека премиерот Јанша се обидува да го заврши планот Милошевиќ-Туѓман за формирање на голема Србија и Хрватска. Ако извештаите на босанските медиуми и изјавите на дипломатите во регионот се точни, тоа може да биде многу штетно за Словенија“, напиша Фајон.

Американската амбасада во Сараево нема да шпекулира за наводни изјави за територијални поделби

Приказната наводно почнала неодамна при посетата на претседателот на Словенија Борут Пахор на БиХ. Според хрватскиот член на босанското Претседателство Жељко Комшиќ тогаш Пахор ги прашал дали може мирно да се разделат, на што тој и Шефик Џаферовиќ изјавиле дека мирното раздвојување не е можно, а Милорад Додик изразил спротивен став. Пахор им рекол дека во Европа сè повеќе се зборува дека треба да се заврши распадот на Југославија. Според дел од  босанските медиуми, кратко по посетата на Пахор Додик почнал да ја потенцира идејата за мирен распад на БиХ, со аргумент дека такви гласови можат да се слушнат во одредени кругови на Европа. Од друга страна босански „Аваз“ пишува дека аферата со нон-пејперот ја сервирале параразузнавачки кујни блиски до Комшиќ за да ги покријат неговите неуспеси во владеењето.

Словенечкиот претседател Пахор веднаш ги демантираше наводите дека прашувал за раздвојување на БиХ и објасни дека тоа го споменал во контекст на загриженост поради таквите идеи, потенцирајќи дека отсекогаш бил против поделба на земјата и менување на границите на Балканот.

На гласините дека се подготвува делење на Босна одговорија и словенечките европратеници Клемен Гросеј и Ирена Јовева, велејќи дека Словенија треба да ја поддржи евроинтеграција на Западен Балкан и да биде искрен посредник.

– Ние треба да го сториме ова во согласност со европските вредности, без никаков евроскептицизам или, што е уште полошо, желба за промена на границите во регионот. Но, Јанез Јанша со својата деструктивна политика, очигледно нè води во поинаква насока. Пратениците не се свесни што заговара сегашната словенечка влада. Вистина е дека овие кругови веќе некое време дискутираат за промена на словенечката политика кон Западен Балкан. Во секој случај, на сите треба да им биде јасно дека промената на границите во регионот ќе доведе до крвопролевање – напишаа во заедничка изјава европратениците Гросеј и Јовева.

Американската амбасада во Сараево соопшти дека нема да шпекулира за наводни изјави на претседателот Пахор и додаде дека Дејтонскиот договор и Уставот на БиХ не им даваат право на субјектите да се одделат.

„Ниту Дејтон ниту Уставот на БиХ не даваат право на одделување на ниту еден од двата ентитета. Секоја акција насочена кон демонтирање на БиХ претставува кршење на Дејтонскиот мировен договор“, велат тие во изјавата за сараевскиот „Аваз“.

Јовановиќ: Пробен балон за да се видат реакциите

Ова е пробен балон за да се види реакцијата на заинтересираните страни, како и на Германија, а не се знае дали е тоа идеја на словенечкиот премиер Јанез Јанша или некој му шепнал, вели поранешниот шеф на југословенската дипломатија Владислав Јовановиќ за „Косово онлајн“.

– Тешко е во овој момент да се одреди вистинската природа и вистинскиот домет на таа идеја која доаѓа од Словенија, своевремен заговорник за мирно разидување во СФРЈ. Изгледа дека БиХ таква каква што е веќе станува замор за оние што ја создадоа, пред се САД и ЕУ, и можеби тие размислуваат за алтернативни решенија. Да не заборавиме дека пред година-две во американската јавност беше ланирана идеја за создавање на национални држави на Балканот. Така ќе се заокружат Хрватска и Србија, а Косово најверојатно ќе влезе во состав на Албанија – вели Јовановиќ.

Тој додава дека таа идеја паднала во сенка, а сега можеби некој повторно ја оживува. Според него, тоа не би можеле да се Германија или Франција.

– Дали Американците добија идеја дека Дејтон не е функционален и тоа го поврзуваат со решавањето на Косово? Дали мирна поделба на БиХ ќе биде задоволување за Србија? Но, тоа е имагинарно и не е во доменот на реал-политиката – вели Јовановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот