Словенците кои ќе работат од дома ќе мора да имаат ковид потврда

Љубљана, Словенија
Љубљана, Словенија / Фото EPA-EFE/IGOR KUPLJENIK

 Во Словенија ковид потврда ќе мора да имаат и вработените кои работат од дома, јавија словенечките медиуми, повикувајќи се на Министерството за труд.

Словенија воведе ковид сертификат за работа, за одење во трговски центри, здравствени установи, јавен превоз, освен за студентите, како и за различните услужни дејности и јавни институции.

Министерството за труд сега појасни дека дури и оние кои работат од дома не се ослободени од обврската да поднесат потврда за вакцинација, прележан ковид-19  или негативен тест, јави телевизијата Н1.

Ако вработените што работат од дома немаат ковид потврда, тие ќе мора да се самотестираат со брз антигенски тест најмалку еднаш неделно, по што мора сертификатот да го испратат до работодавачот, а во него да бидат наведени датумот на тестирање, резултатот од тестот и потпис.  Трошоците за тестирање се на товар на работодавачот.

Доколку работникот не го стори тоа, ќе се смета дека ги прекршил обврските што произлегуваат од работниот однос, а работодавачот може да го казни согласно Законот за работни односи, објаснуваат од министерството.

Во отворено писмо до владата, словенечките угостители побараа укинување на задолжителните ковид потврди, предупредувајќи дека нивниот промет опаѓа и дека, според новите правила, гостите мора да имаат сертификати и на терасите.

Синдикатот на вработени во угостителската индустрија наведува дека владата со својата одлука ги задолжила угостителите за контрола на ковид пропусниците, што тие не можат да  го исполнат затоа што долго време се соочуваат со недостаток на кадар.

Синдикатот на угостители изјави дека го поддржува барањето на полицискиот синдикат да ја провери уставноста на новите правила од страна на Уставниот суд.

Синдикатот на словенечки полицајци објави дека поднеле иницијатива до Уставниот суд бидејќи, според владиниот протокол, вакцинациите или прележаниот ковид-19 се услов за одржување на вработувањето.

Продолжувањето на таквата „недозволива пракса” може да доведе до напад врз други човекови права и основни слободи, чии жртви би можеле да бидат сите граѓани, смета полицискиот синдикат.

Словенија има проблем со зависниците од вакцини, плаќаат стотици евра за да се вакцинираат повеќе пати

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот