СЛОБОДЕН УДАР: За триста јајца до Прилеп – Слободен печат
Колумни

СЛОБОДЕН УДАР: За триста јајца до Прилеп

Не можам јас да се тресам дали на коловозот ќе истрча куче, маче или коњ. Плаќањето патарина, меѓу другото, значи и гаранција за безбедноста на автопатот. И точка.

Се сеќавате ли на онаа стара македонска народна приказна во која вонсерискиот Ѓорѓи Колозов со своето магаре продаваше јајца? Кога тргна да ита низ царштината сакајќи да заработи некој грош, а по патот остана скоро без целата стока само затоа што го следеше несреќа секогаш да налетува на лакоми баждарџии.

Првиот му побара сто јајца, вториот двесте, а третиот петстотини. Ако не даваш, му велеа тие, тогаш врати се онаму од каде што си дошол. И им даваше сиромавиот. Им даваше до таа мерка за на крајот да остане без ниту едно јајце и повторно да се врати дома ем без пари, ем со празни кошници.

Е па, драги мои, таа приказна очигледно сѐ уште не завршила и сите ние секојдневно ја живееме, ама не забележуваме. Буквално ништо не е сменето, а ако треба да повлечеме паралела помеѓу тоа сценарио и сегашново, тогаш многу лесно ќе сфатиме дека баждарџиите сѐ уште се присутни, секојдневно го дерат народот, а не му нудат ништо за возврат.

Не, не зборувам за политичарите или за извршителите. За нив другпат ќе пишувам кога ќе се сетам на уште некоја народна приказна во која се присутни ѓаволите. Сега зборувам единствено за баждарините, односно за патарините кои секогаш со отворена аждерска уста ги голтаат автомобилите на автопатите.

Заслепено од заработката, Јавното претпријатие за државни патишта очигледно заборава дека примарната задача на тие нивни клаустрофобични кутии со рампи не е само да збираат пари. Точно е дека живееме во капиталистичко општество и дека никој не ти продава ништо без да го платиш, ама исто така никој не ти купува ништо ако немаш што да понудиш. А баш ова јавно претпријатие не нуди ништо, туку само лапа.

Не може така, другари. Не може да ми наплаќате 180 денари до Прилеп, а во тие неколку часови возење јас постојано да се тресам дали врз мојот автомобил ќе падне камен стркалан од ридовите, бидејќи не сте ставиле заштитна мрежа или не сте ја замениле старата. Не треба јас да се нервирам поради тоа што сум принуден на дел од патот да возам 50 километри на час само затоа што вие вршите поправки.

Во ред е да работите, ама во таков случај не е во ред да ми наплаќате патарина во полна цена. Не можам јас да се тресам дали на коловозот ќе истрча куче, маче или коњ. Плаќањето патарина, меѓу другото, значи и гаранција за безбедноста на автопатот. Пред неколку денови, на пример, веднаш по наплатната рампа во Петровец, пред мојот автомобил истрча јато кокошки. Ги гледам и си велам во себеси: Добро, можеби некој нов Колозов поминал тука, па овие му ги зеле јајцата и ги испилиле. Брука.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Исто прочитајте

Close
Close