СЛОБОДЕН УДАР: Потрес на мозокот

Жарко Јорданоски / Фото: Слободен печат

Деновиве многу луѓе со трепет во срцата ги следат сите информации од трагедијата во соседна Албанија, каде што неколку десетини луѓе загинаа, стотици се повредени, а илјадници ноќеваат под ведро небо, по силниот земјотрес со епицентар во близина на Драч.

Се вели дека драматичните и кризни моменти, како војните или природните катастрофи, го вадат од луѓето најдоброто од нив – сочувство, несебичност, спремност да се помогне. Во такви екстремни ситуации се случуваат и најголемите акти на хероизам, примери на несебичност, човечност…

И навистина. Освен што потресот се почувствува на целиот Балкан, се почувствува и една благородна грижа, сочувство, емпатија со маките на соседниот народ. Благодарение на интернет и на социјалните мрежи, тоа можеше да се следи од минута во минута. Луѓето, а потоа и институциите, прво јавно изразуваа сочувство, напишаа зборови на утеха кон соседите, а потоа несебично ја понудија својата помош – во рамкие на своите можности. Граѓаните со обични зборови на утеха, а оние помоќните, политичари, градоначалници и бизнисмени – поконкретно. Камиони со помош, екипи за спасување, опрема за трагање по затрупани, кучиња трагачи и слично поитаа кон граничните премини на Албанија од Србија, Грција, Македонија…

Колку што е драгоцена секоја помош на погодените од несреќата, уште поважно за настраданите е чувството дека не се сами, напуштени, дека светот сочувствува со нив. Македонците, кои имаат поминато низ таква траума во 1963 година, го имаат во колективното сеќавање тоа чувство.

Додека од повеќето луѓе трагедијата го извади на виделина најдоброто, брзо се виде дека постојат луѓе од кои може да се извади само она што го имаат – омраза, бесчувствителност и, најпосле, глупост. Поразително е сознанието дека меѓу нас има и такви, кои се наши сограѓани, кои се идентификуваат и се претставуваат исто како нас, а кои се веселат на туѓа мака, се радуваат на туѓа несреќа. Се „ситат“ јавно со бесрамни писанија на Фејсбук, Твитер и останато, премногу одвратни за да бидат цитирани во изворна форма, особено не да бидат испечатени на хартија.

Се прашуваш колку се тие луѓе отруени однатре и со што? Па се „воодушевуваш“ од безграничноста на човековата глупост, „откриена“ уште од Ајнштајн, кога ќе прочиташ дека трагедијата што ги задеси „Шиптарите“ е „божја казна“, ни повеќе ни помалку – „за оштетениот театар од страна на навивачите „Шверцери“!? Па си мислиш, ако некој е толку глуп вака да размислува и чувствува, како е воопшто жив, како функционира и како, по ѓаволите, има компјутер и знае да ги најде буквите на тастатура!?

Ваквите моменти нè потсетуваат дека имаме уште многу работа во нашето општество, без оглед дали е „едно за сите“ или „три во едно“. Говорот на омраза е духовниот отров на денешното време и со него треба да се води константна борба на сите нивоа, во образованието, со помош на медиумите, државните институции, органите на прогонот…

Само, сметам дека понекогаш тоа не се прави на правилен начин. Не е доволно, како што прават некои ентузијасти од невладините организации, само да се „улови“ и да се  репродуцира говорот на омраза, најчесто потполно „експлицитно“, со забелешка – видете какви има, како некои „хејтери“ коментираат, и толку! Самото тоа е повторување на делото, и повторно повредување на чувствата на тие на кои им е упатено. Освен што ќе се детектира и експонира, побитно е говорот на омраза да се сузбива, да се санкционира. Мора да има пријавување и покренување постапки во обвинителствата, кај надлежни медиумски тела, во МВР. Авторите не смее да ги спаси ниту лажниот идентитет, ниту анонимноста.

Најпосле, самите интернет-медиуми како Фејсбук, Твитер, Инстаграм, мора да прават многу повеќе на оваа тема. Во светот сè погласно се зборува за улогата на овие мрежи и нивната одговорност за ширењето на говорот на омраза.

Ако сите медиуми се законски одговорни за она што ќе го објават, зошто интернет-медиумите да не се одговорни за она што се шири преку нив?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот