СЛОБОДЕН УДАР: Помакедончување

Фото: Слободен печат/Мартин Богатиноски

Со потпишувањето на Преспанскиот договор македонскиот народ можеби беше принуден да го жртвува државното име, името на автопатот, на аеродромот, на стадионот…

Но од друга страна, пак, не загуби ништо друго позначајно. На пример, никаде во таа спогодба не пишува дека на народецот наш му е забрането да присвојува грчки територии и да ги помакедончува.

Старите кампери можеби насетуваат дека зборувам за местенцето Стомио, кое се наоѓа на само неколку километри до Лариса, на патот кон Атина, и кое е речиси цело помакедончено. Таму, се знае, неколку месеци во годината, од мај до октомври, грчкото население е малцинство, а главниот збор го имаат нашите.

Единствено на ова место не важи девизата дека Македонија нема море. Таму ќе слушнеш секакви дијалекти, од кумановски, струмички, гевгелиски, па сѐ до прилепски, охридски и велешки. Ќе слушнеш сѐ, освен грчки, оти, и голем дел од тие малкумина кампери-домородци веќе перфектно го зборуваат нашиот јазик. Секогаш се расположени за дружба и за по некоја чашка ципуро. За нив, нашата земја е Македонија, македонското девојче е китка шарена и баш им е гајле за потеклото на Александар Македонски.

Инаку, Стомио е стварно многу мало место. Едно наше Драчево, на пример, за него е Истанбул. Има само три паралелни улици. За нашите, па дури и за Грците, првата е позната како Илинденска. Таа во средина е Партизанска, а третата, најблиската до морето – Гологанов. Продавачот на гиро, инаку локален Јорго, веќе одамна е „прекрстен” во Стаменко. Прекарот му го дадов лично јас пред 4 години, па кутриот, мораше да го прифати во име на бизнисот. Во целото место има само две продавнички, две слаткарници, една сувенирница и неколку ресторанчиња. И толку. Влегуваш во првата продавничка и тетката која работи на каса, инаку секогаш окезена средовечна Гркинка, ти вели „здраво, повелете“ на македонски. А ти се чудиш и веќе не знаеш кај се наоѓаш.

Како и да е, поентата ми беше дека Договорот од Преспа воопшто не им забранува ниту на македонските најтврдокорни патриоти да се чувствуваат свои дури и кога престојуваат во земјата на соседите, барем во овој дел од Грција. Сите можат слободно да чекорат по Партизанска, да си ја потпевнуваат „Македонско девојче” заедно со домородците, да потпивнат студено ципуро, да распалат скара или да му се восхитуваат на гирото од шеф Стаменко.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот