СЛОБОДЕН УДАР: Полна уста хуманост, а кучињата на улица

За бездомните кучиња битката меѓу Градот и здруженијата трае со години и тешко дека некогаш ќе се најде заеднички јазик. Секогаш нешто нема да чини, и покрај тоа што и на едните и на другите устите им е полна со зборовите „хуман третман“ и „светски стандарди“.

Многу брзо треба да се отвори стационарот „Лајка“, тврди градоначалникот Петре Шилегов. Временската одредница многу брзо е сосема непрецизна и останува нејасно дали тој мисли на денови, недели или месеци. Скопјани со нетрпение очекуваат тоа да се случи, затоа што по речиси една година откако „Вардариште“ не функционира, а со тоа ни програмата за заловување и стерилизација, се зголеми бројот на кучињата по улиците.

„Лајка“ треба да работи според сосема нова програма. Шилегов тврди дека стационарот ќе биде со високи стандарди, во центарот ќе има ветеринарна амбуланта и ќе се воведат брзи тестови за дијагностицирање заразни болести. Се воведуваат и строги правила на евтанизирање, со точно утврдени болести, а не како досега – ветеринарот по сопствена проценка да утврдува кое животно ќе се успие. Една од најголемите промени е и тоа што се напушта принципот „залови, стерилизирај, врати“, а на терен ќе се враќаат само кучињата што нема да бидат вдомени.

И иако „Лајка“ и нејзината програма се подготвува долго време во консултации со стручни лица, иако со неа ќе раководи активистка за заштита на животните,  здруженијата за животни се повторно незадоволни и бараат повлекување на програмата за работа. Тие се против чување на животните во резервати, против скапите тестови и бараат лекување, а не евтанизирање на животните, заболени од лишманија и срцев црв. Ваквите кучиња, според програмата на „Лајка“, ќе има можност граѓаните да ги вдомат во рок од 72 часа и да добијат шанса да бидат излечени на трошок на новиот сопственик.

Како и за сè во нашиот град, секогаш има две спротивставени страни, тешко се усогласуваат различните гледишта. За уличните кучиња битката меѓу Градот и здруженијата трае со години. Секогаш нешто нема да чини, и покрај тоа што и на едните и на другите устите им е полна со зборовите „хуман третман“ и „светски стандарди“. А впрочем, колку што е хумана стерилизацијата на уличните кучиња (во иднина и на домашните), со која постепено треба да ги снема кучињата од улиците, значи буквално, колку и да звучи тоа грубо, да исчезнат, толку е хумано и нивното чување во резервати, стационари и евтаназијата на болните.

Сепак, некакво решение мора да има, а тоа никогаш не е идеално. Оние што честопати шетаат низ светот, тврдат дека никаде нема кучиња по улиците. На пример, во главниот град на Полска, Варшава, функционира огромен стационар надвор од градот каде што во просек престојуваат околу 800 кучиња. Болните се евтанизираат, а здравите се стерилизираат, чипираат и се даваат на вдомување. Кучињата што нема да се вдомат остануваат во стационарот до својата смрт. Ова е едно од светските искуства. Главно, тоа е системот што функционира во повеќето големи градови, во држави организирани според „сите нишани“. Хумано или не?

Во меѓувреме, граѓаните чекаат да се намали бројот на кучињата по улиците на Скопје. Чекаат „Лајка“ да почне со работа. Шилегов и здруженијата меѓусебните недоразбирања околу програмата нека продолжат да си ги решаваат. Слободно. Нека менуваат, дополнуваат, поправаат. Но, стационарот мора да профункционира. Со хуман третман, се разбира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот