СЛОБОДЕН УДАР: Политиката го уби рокенролот

Фото: Слободен печат/Мартин Богатиноски

Еј, генерацијо! – подвикна Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле од сцената и го впери прстот во еден средовечен маж во публиката.

– Гледам дека си остарел, а си останал и без коса. Дали сѐ уште се шишаш или сега користиш гумичка за бришење?! – го зезаше Ѓуле додека остатокот од публиката паѓаше од смеење.

Потоа испеа неколку песни, па повторно направи пауза за интеракција со фановите.

– Ајде сега, нека кренат рака сите мажи што се дојдени без своите жени. А, сега нека кренат рака сите жени што се дојдени без своите мажи. Ајде сега, сите што кренавте рака, изберете си партнер и смувајте го до крајот на вечерта – расположен беше фронтменот на „Ван Гог“.

Повторно испеа неколку песни, па уште еднаш го грабна микрофонот за да направи нова шега.

Но тој очигледно не знаеше дека неговата најнова зафрканција ќе го смени целиот тек на концертот, во негативна смисла. Тој најверојатно заборавил дека и нашата земја е поприлично „сељачка“, како и неговата, а и дека публиката на скопскиот „Пивофест“ не е секогаш онаа рокерска и „баш ме брига за политика“ раја на која тој навикнал.

Веројатно требало некој претходно да го предупреди дека неговиот настап ќе се одржи пред луѓе од буквално сите категории: од оние малкумина што дошле да се напијат пивце и да чујат добар рокенрол, па сè до оние многумина што дошле само затоа што е бесплатно и затоа што слушнале дека ќе настапи некаков уметник што си го откинал увото поради некоја проститутка.

– Ајмо Македонијо! Ајмо Северна! – проговори за момент Ѓуле, а дваесетина луѓе од публиката веднаш удрија по него со свирежи и со сочни пцости. Се накострешија, кутрите. Како мачки нападнати од кучиња, си го извиткаа телото, ги кренаа опашките и ги покажаа забите. Не престануваа да пцујат, да мавтаат со рацете и да скандираат новокомпонирани политички пароли.

А овој не знаеше што се случува. Неколку секунди стоеше здрвен на сцената и не можеше да сфати зошто наместо смеа и ракоплескање од публиката, неговата шега предизвика негодување и хаос. Потоа, некако се прибра и продолжи со пеење, но, за жал, концертот повеќе не беше ист. Буквално на секоја пауза помеѓу две исвирени песни, тврдокорните не запираа со навредите и со заканите. Еден средовечен маж дури се обиде да се качи на бината, веројатно сакајќи и физички да се пресмета со Ѓуле, ама, за среќа, обезбедувањето брзо реагираше и не дозволи да се случи поголем инцидент.

Како и да е, атмосферата на концертот тргна во надолна линија, па завршниот дел од репертоарот беше исвирен онака, рутински и без ќеф.

Навистина сме северни говеда!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот