СЛОБОДЕН УДАР: (Нема) спас од администрацијата?!

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Многу нешта со администрацијата во државава со години не се разјаснуваат. Напротив, работите стануваат сè позамрсени. Едно време државна тајна беше колку луѓе земаат пари од државната каса. Сега, пак, никому не му е јасно како тоа министерот Дамјан Манчевски ќе ја решава превработеноста со тоа што неефикасните работници што земаат пари од државната каса ќе им ги препушти на приватните компании, но од државната каса повторно ќе се издвојуваат пари за нив, сега за субвенционирање на нивното работно место кај некој работодавач.

Навидум, лудило од мерка. Но, секогаш треба да се види и другата страна на навидум едноставната приказна. Во државава има 132.068 вработени во јавниот сектор, а ако кон оваа бројка се додаде и бројката на вработени во државните компании и на оние што се вработени преку агенциите за привремено вработување, станува збор за 143.184 вработени. Оваа бројка е преголема за опслужување на населението кое веројатно е некаде околу 1,5 милиони жители (сè е процена, додека не се преброиме, и тоа како што треба…).

Дефинирањето на неефикасна администрација е многу повеќе од она што може да се помисли на „прва“, дека тоа се административци што не работат и кои не знаат како да сработат. Сигурно има и такви, но има и такви што сакаат да работат, ама немаат што. За една работна задача се вработени по неколку луѓе. Дури јавна тајна е и дека некои нема каде да седнат за да си ја извршуваат работната задача.

Од друга страна, во вакви услови, постојано може да се види дека има нови огласи за вработување на државни јасли. Многупати првите луѓе на разни министерства и институции велат дека им недостасуваат ИТ-специјалисти и друг обучен кадар, а дека од друга страна имаат луѓе со несоодветни квалификации. Со развојот на дигитализацијата може и да се разбере зошто требаат ИТ-инженери, или пак, некои други специфични занимања, но каде е логиката да се вработуваат нови фотокопирачи, вратари, шумари, архивари… и луѓе со слични занимања кои реално може да се најдат во прекубројната администрација. Секако, ако е потребно може да се доквалификуваат на сметка на државата.

Администрацијата, државна и јавна, со години се развива по еден непишан терк, независно кој е на власт. Да биде трагедијата поголема, едните учат од другите, па се надополнуваат и се надградуваат. Така се надополнува и надградува неефикасниот административен систем, образованието кое добива лоши оценки од меѓународните монетарци и младината, чиј сон е преку партиска активност да се дојде до некоја позиција во јавниот сектор.

Оваа власт сака да покаже дека ќе се фати во костец со наталожените проблеми со администрацијата. Најави и она што никој не смееше гласно да го каже дека ќе ги избрка неефикасните. Но, како безусловно да се поверува во намерите ако има нови огласи за вработување на фотокопиранти, архивари, шумари, тетки, стрини и братучеди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот